Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Битола одговарајќи на новинарско прашање потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ предлага законски измени за повластена стапка на ДДВ-то за горивата и храната, но владата се инаети и не ги прифаќа бидејќи истиот е предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаме ценовен шок, растат цените на горивата , ние предлагаме, но за жал повторно од владата тоа е одбиено да се продолжи мерката која што претходно ја предложивме, да ја имаме повластена стапка на ДДВ и за горивата и за прехранбените производи и за производите кои што важеше до сега. Но, бидејќи тоа ВМРО-ДПМНЕ го предлага, а на владата не и текна, еве ќе видите дека тие ќе се инаетат и ќе речат нема тоа да го прифатиме, зошто? Затоа што ВМРОД-ПМНЕ тоа го предлага, и само поради тоа граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки, ќе имаат понизок стандард и помалку пари“, вели Мицкоски.
Мицкоски побара од владата да го остави инаетот на страна и да не покажуваат сила и мускули бидејќи така само граѓаните губат.
„Ние имаме работа со влада која што не само што нема визија туку не знае ниту политика. Нека го поддржи владата овој закон за повластена стапка на артиклите, на горивата, еве нека биде владата предлагач, не мора ВМРО-ДПМНЕ, апелирам овде од Битола, ама доста се инаетете, со инает ништо не се постигнува бидејќи граѓаните губат, порача Мицкоски.
Мицкоски ги повика битолчани на протестот пред Владата.
„Ја користам оваа прилика да ги повикам битолчани да ни се придружат на големиот протестен народен собир кој ќе се одржи на 18 јуни пред Владата на Република Македонија со цел да испратиме порака дека е доста, мора да заминат, доста и е на Македонија од порази, мора Македонија да почне да победува“ рече Мицкоски.












