Премиерот Христијан Мицкоски синоќа пред платото на Владата се обрати на настан по повод одбележување на првата годишнина од изборот на Владата.

„Измина една цела година, на предизвици, на тешка, посветена и макотрпна работа. Во секој еден ден од овие изминати 365 дена, не заборавивме во ниту еден момент од каде доаѓаме, и со каква чест располагаме, и каква одговорност имаме да не ги разочараме македонските граѓани.
Секој почеток е тежок. Секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и како што народот вели, не почнуваш од нула, туку од минус. И повторно градиш темели, одново поставуваш столбови и ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени, рушени. Тие нови темели стануваат фундамент на новата иднина која заеднички ја градиме, тие нови темели се секојдневната борба за тебе и твојата иднина. Тие темели треба да го донесат времето на Македонија, времето кое допрва доаѓа. Најдоброто кое допрва ќе се случи. Она што сите го очекуваме, сакаме, заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме. Земја на просперитет, ред, развој, почит, човечност, вредности. Земја со која ќе се гордееме, земја која ќе биде на вистинскиот пат, повторно твоја и ќе работи за тебе“ рече Мицкоски.

Тој кажа дека ова е година во која ги градат темелите на промените.
„По години на празни ветувања и перманентна политичка криза во државата, разочарувања и уништени ветувања, не започнавме од нула, почнавме од минус – од рушевини, кои ги оставија зад себе. Наследивме систем што се кршеше и паѓаше, институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верба. Но, не се предадовме. Не го оставивме својот дом во рацете на минатото. Ги ставивме првите тули на новите темели, со посветеност и љубов кон секој човек, секоја заедница, секој сон. Ги поставивме столбовите што ќе го издржат товарот на иднината. Ги засиливме носечките што ќе ја држат оваа земја исправена и горда“ рече премиерот.
Според него оваа година беше година на напорна работа, на посветеност и на враќање на довербата, консолидирање на состојбите и стабилизација. Година во која секој од нас даде дел од себе за да го изгради новиот пат , година во која свесни за огромните очекувања и досега многупати изневерените надежи, ние се трудевме да направиме стабилизација која ќе поттикне развој, консолидација која ќе донесе раст.

Тој ги споменам дел од проектите кои ги реализираше Владата.
„Економијата остана нашиот најглавен фокус и борбата за подобар живот. Обезбедивме 500 милиони евра за поддршка на компаниите и за поддршка на општините за реализација на капитални проекти за подобрување на животот на граѓаните. И тука не ги двоевме, тоа се сите општини на цела територија на државата без разлика дали таму се градоначалници од редовите на владејачките партии, опозицијата или некои независни.
Во првиот квартал од оваа година 2025 постигнавме раст на БДП од 3,2%, некој ќе рече мал, некој ќе рече голем, јас би рекол сум задоволен, но не конечно задоволен бидејќи сепак има уште поголем простор за раст, но тоа сепак не става како 4 земја по раст на БДП во првиот квартал од 2025 година веднаш позади Ирска, Данска и Полска. Постигнавме рекордно историско најголемо ниво на странски инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра, што ќе каже дека имаме најголем број на странски директни инвестиции по глава на жител во овој дел од Европа.

Првпат по седум години намален е јавниот долг, заклучно со март 2025 година за 4,7 процентни поени во однос на БДП. Платите растат и обезбедивме повисоки плати во администрација, здравство, образование, полиција. Буџетскиот дефицит го намаливме на 4% од БДП и одиме надолу, целта е да бидеме под 3%. Целосно ја отплативме Еврообврзницата издадена во 2018 година, во износ од 500 милиони евра. Ја намаливме царината за 67 стоки кои како суровини и репроматеријали се користат во домашната индустрија и обезбедивме целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД како наш стратешки партнер“ кажа Мицкоски.
Во инфраструктурата рече дека обезбедиле највисок процент на изградба на патишта од осамостојувањето до денес.
„Склучивме договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство врз основа на кој подоцна се остварува и економска соработка под поволни услови, би рекол ултра поволни услови за изградба на брза пруга на Коридор 10 и изградба на болници, а во скора иднина разговараме и за изградба на енергетски проекти коишто се од капитално значење за иднината на државата. За само една година обезбедивме градба на 225 инфраструктурни проекти во прва фаза во висина од речиси 3 милијарди денари и 615 инфраструктурни проекти во втора фаза во висина од речиси 7 милијарди денари.
Започнавме со изградба на автопатот Тетово-Гостивар во должина од 17,5 километри, со изградба на автопатот Гостивар-Кичево (Букојчани) во должина од 30,3 километри како и изградба на автопатската делница Прилеп-Битола во должина од 39,3 километри. Ја пуштивме во употреба делница Градско-Дреново од експресниот пат Градско-Прилеп во вредност од 37,4 милиони евра и должина 15,5 км. Го пуштивме во употреба експресниот пат (Страцин) Ранковце-Крива Паланка во должина од 25,4 километри, во вредност од околу 98 милиони евра. Целосно го реконструиравме регионалниот пат Охрид (Коњско) – Свети Наум во должина од 24,5 километри и вредност 11.6 милиони евра. Ја пуштивме во употреба пругата на Коридор 8, Куманово-Бељаковце во вредност од 43 милиони евра и во должина од 31 км. Од нула функционални локомотиви за само три месеци од мандатот ставивме 11 во употреба и обезбедивме нормализација на железничкиот сообраќај. Воведовме 11 нови авиолинии од двата аеродроми и обезбедивме 360 милиони денари финансиска поддршка. Доделивме над 100 социјални станови во Велес, Кочани, Струмица и Гевгелија. Интензивно се гради и во завршна фаза е автопатот Кичево-Охрид (делница Врбјани Охрид) во должина од 40 километри и веќе пуштањето е закажано на 12 јули“ рече премиерот.
Ги кажа и проектите и во другите области и рече дека промените не се случуваат преку ноќ, но секој ден што вложуваме е чекор поблиску до земја со која ќе се гордееме.
„Не ветувам совршенство и чуда, туку ветувам искреност и упорност во секој чекор и борба за тебе и иднината каква што ја заслужуваш“ истакна премиерот.












