Бугарското МНР побара од Парламентарната комисија за надворешна политика да свика состанок и да се изјасни за предлогот на француското претседателство кој се однесува на Македонија, пишува Радио Слободна Европа.
Оттаму бараат на овој состанок да се разговара за сите достапни документи за Македонија за да се формулира заедничка бугарска позиција.
Додаваат дека сега целиот процес целосно зависи од Комисијата за надворешна политика на бугарското собрание, која се’ уште нема закажано состанок на оваа тема.
Во соопштението се вели и дека во оваа фаза повеќе не постои објективна можност да се исполнат краткорочните критериуми утврдени во Рамковната позиција до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, кое истекува на 30 јуни.
Т.н. француски предлог беше најавен како можност за деблокирање на евроинтеграциите за Македонија, закочени со бугарското вето пред две години. Тој е доставен до земјите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија. Според изјавите на македонските власти, предлогот прво треба да биде прифатен од сите ЕУ членки, по што формално би бил доставен и од Македонија.












