На 28. февруари во 19:00 часот, најпознатите музички теми од најпопуларните цртани и филмови, ќе бидат на репертоарот на големиот концерт на Битолскиот дувачки оркестар и оркестарот на Државното музичко училиште од Битола .
На концертот кој ќе се одржи во Центарот за култура Битола, ќе се изведуваат најпознатите музички теми од Кралот Лав, Frozen, Пинк Пантер, Пиратите од Карибите, Аладин и уште многу други, придружени со видео проекција.
Возобновен во 2015 год, оркестарот веќе седум години, ја слави традицијата на овој тип на музицирање во Битола. Реактивирањето на Битолскиот дувачки оркестар е на иницијатива на професорот Марјан Бакревски, кој по повеќе годишна работа во различни оркестри во САД се враќа во родната Битола и застанува на чело на овој оркестар.
Да потсетиме дека и претходно Битолскиот дувачки оркестар имаше неколку успешни настапи, на отворено низ Широк Сокак неколку пати, пред Центарот за култура на отворањето на “Браќа Манаки“, настап на отворањето на “Камера 300“, а сите овие настапи наидоа на одлични коментари на битолчани кои Бакревски и другите ги охрабруваа да продолжат со работата. Настапија и на 13-то издание на Фестивалот на музика од светот, потоа битолчани го паметат концертот со Јасна Димитровска кога ги оживеаа на сцена хитовите на безвремениот Френк Синатра, а пред крајот на 2022 и концертот кога публиката уживаше во хитовите на Џејмс Браун, Френк Синатра и Стиви Вондер, а во изведба на солистите Нико Ѓоргиевски, Јасна Димитровска и Тамара Стојковска.
Билетите за концертот на 28 -ми февруари се веќе достапни на билетарницата во Центарот за култура – Битола.












