ТЕРА

REKLAMA???

НА СВЕТОНЕДЕЛСКИТЕ ГРОБИШТА, ДЕПОНИИЧКИ СЕКОЈ ДЕН

Светонеделските гробишта често се предмет на медиумски пишувања, и за позитивни и за негативни моменти, а сега и ТЕРА го доби прашањето во иницијативата „ГЛАС ЗА ГРАДОТ“ .

Во неделата иницијативата „Глас за градот“ беше на Широк Сокак, кадешто многубројни граѓани ја видоа својата можност тоа што ги мачи во градското живеење да добие јавност. Оттука и реакцијата на сограѓанин за постојаното појавување на депонии кај гробиштата во Св. Недела.

 

Вели : „Кај Св. Недела има депонија, секој ден нова.“  И додава, „ Малку ни е маката па уште од ѓубре не можеме да поминиме“.  Од избраните да го водат градот во следните 4 години – градоначалник и совет, нашиот сограѓанин очекува „да се исчистат гробиштата“.

 

Проблемот долго или попрезицно, постојано се појавува и во новинарските извештаи и реакциите по социјалните мрежи. Едноставно пребарување на интернет ги дава насловите кои  сведочат дека локалната самоуправа и претпријатието надлежно за чистотата на светонеделските гробишта постојано нешто чистат.  Во различни години од последниве пет, медиумите во своите наслови и поднаслови пишуваат дека Комуналец – „во акција“, по „втор“, „трет“, „четврт“ пат во годината направил чистење. Наслови зачестени по асфалтирањето на споредниот пат што од Црквата Св. Недела води кон новите светонеделски гробишта, а минува покрај неколку мали претпријатија во приватна сопственост.

 

Црквата Св. Недела е сместена на левата страна од северрниот влез во Битола веднаш до истоимените гробишта. Изградена во 1863 година, историјата вели со придонес на тогашните занаетчии. На многумина од нив вечното почивалиште им е таму. За тоа и османлиските власти дале согласност.

Секоја посета е строго наменска, поврзана со бура на емоции и зголемена свесност за околината. Оттука, чисти и уредни гробишта не се само прашање на изглед туку, социолозите од кај нас велат, имаат длабока духовна, но и културна и општествена улога. Затоа што како места на сеќавање треба да покажат дека заедницата ги почитува своите предци, упатува на нивото на општествена одговорност , упатува на посочување на вреднувањето на традицијата и историјата, во Битола како мултиконфесионална заедница, и на различните религии. Спротивното подразбира најпрвин дека има непочитување на починатите, а со тоа и на граѓаните и нивните починати блиски.

Во многу европски градови, гробиштата се и културни споменици — дел од историското наследство и туристичките патеки.

Создавањето депонии пак води до поголеми последици и по здравјето на луѓето – околу сметот се собираат глодари, пластичниот отпад и материјалите од стари венци кои се распаѓаат подразбира ослободување на токсини.

И, грижата за гробиштата подразбира добра и домаќинска локална самоуправа,  за  добри и граѓани домаќини.  А Битола има многу гробишта – тие што секојдневно се користат и тие кадешто се наоѓаат останките на припадниците на различните војски кои управувале со градот.