Центарот за култура е домаќин на Неделата на јапонскиот филм на 9. и 10. Ноември, а проекциите се бесплатни. Годинешната програма обработува теми од секојдневните предизвици со кои се соочуваат претставници од различни демографски групи во јапонското општество.Пред присутните се обрати директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илијевски која истакна:
„Јапонската култура иако географски делува многу далечна, духовно е толку блиска. Културата е медиум за успешно градење на мостови, во кои ќе се доближуваат и вкрстат две различни култури. Се радуваме што Центарот за култура Битола е едно од местата кои активно градат мостови на култура“.

Првиот филм со кој се отвори Неделата на јапонски филм беше „Барам љубов“ на режисерот Косаи Секине. Овој филм ја обработува темата на еден општествен проблем наречен Хикикомори – екстремен облик на социјална фобија од која страдаат милиони млади Јапонци.
„Долгото збогување“ на Рјота Накано е вториот филм што се прикажа во рамките на фестивалот. Филмската ревија во Битола ја отвори Амбасадорот на Јапонија Н.Е. Оцука Казуја, кој ја посети Битола и за време на Интерфест кога настапи јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу.

Овој фестивал помага да ги забележиме заедничките човекови драми, што се искусуваат во секоја култура и ја доближуваат Јапонија до обичниот граѓанин на нашата држава. Амбасадорот на Јапонија потсети дека следната година се слави 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Јапонија и Македонија и најави дека ќе се организираат многу културни настани.

Покрај дистрибуцијата на јапонски филмови, Јапонската фондација работи и на спроведување на сеопфратни меѓународни програми за културна размена низ целиот свет. Настанот Недела на јапонски филм е поддржан од Јапонската Фондација, Кинотеката, Центарот за култура во Битола и Јапонската Амбасада.












