ТЕРА

REKLAMA???

НЕДОСТИГААТ ЛОГОПЕДИ ВО БИТОЛА

Битола се соочува со недостиг на логопеди, вели Анета Ѓоргиевска која што работи како логопед во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола. Во училиштето, посебните паралеки од минатата година со новите законски измени прераснаа во Центар за поддршка на учењето на децата со попреченост на територија на Општина Битола.

„Логопед сум само јас во моментот, меѓутоа имаме уште една колешка која е логопед која што годинава завршува 9-то одделение, односно таа работеше во настава и од наредната учебна година, пошто 9-то одделение се затвора, немаме првачиња, немаме упис, колешката ќе биди уште еден логопед, така што мислам дека на ниво на Општина Битола во моментот ќе можеме да ги опфаќаме само тие школски деца по МКФ кои имаат препорака кај нас, меѓутоа не со доволно третмани како што е пропишано. Затоа секогаш на родителите им кажуваме дека покрај нашите третмани во училиштето добро е да ги користат третманите и во ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас-Битола , Основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ и во Ментрално здравје во Битола“, рече Анета Ѓорѓиевска, логопед.

На ниво на Општина Битола има само 18 логопеди. Ѓоргиевска вели дека во Битола недостигаат најмалку 10 логопеди.

„Во Битола е алармантна состојбата со недостиг на логопеди заради тоа што и сите оние кои завршија логопедија останаа во Скопје. Значи се помалку и помалку има логопеди кои што се враќаат во нашиот град за рехабилитација на децата. Битола е голем град, во близина се Демир Хисар, Могила, Ресен, Новаци, таму уште помалку има, односно тие деца идат да се рехабилитираат во нашиот град, така што мислам дека некаде уште 10 логопеди требаат за да ја покријат Општина Битола“, рече Ѓорѓиевска.

Логопедот е стручно лице кое се занимава со превенција, детекција, дијагностика и третман на патологијата на вербалната комуникација под која се подразбираат сите оние процеси и функции кои се поврзани со продукцијата на говор, како и со перцепцијата и продукцијата на оралниот и пишаниот јазик, како и облиците на невербалната комуникација. Логопедот е носител на професионалната дејност, кој се занимава и со логометрија и логопротетика.