Во едно подалечно време се прашувавме каде за 2 мај, оти и први и втори беа неработни. Последните години прашањето е каде за први, втори мај стана работен. Македонската традиција од секогаш била да се посетуваат излетничките места и да се пали скара. Така било со децении. Ден пред празникот месарниците се најпосетуваните места и се купува секакво месо кое е вкусно за правење на скара. Со скарата оди и пијалокот и најзгодно место е да е крај некоја река или поток за да има каде пијалокот да се лади, особено кога за овој ден е сончево и топло, што не секогаш имаме такви временски услови.
И секоја година едни на излет, други дома, трети преку граница, четврти можеби и на протест.

На Меѓународниот ден на трудот 1 Мај, ССМ го актуализираше барањето минималната плата да биде 500 евра, сите останати плати да бидат зголемени за 100 евра и да се почитуваат колективните договори и работничките права.
Историјата пак вели дека Меѓународен ден на трудот е празник кој се празнува на 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.

Овој празник се одбележува на 1 мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. На овој штрајк, организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден, била употребена сила од страна на полицијата, при што имало и жртви. Подоцна, организаторите на штрајкот биле изведени на суд, при што четворица од нив биле погубени. Во знак на почит кон жртвите од чикашкиот штрајк, Втората интернационала на својот основачки конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. Оттогаш, традиционално, на 1 мај секоја година во повеќе земји ширум светот се одржуваат демонстрации во знакот на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, пред сè во комунистичките и бившите комунистички земји. И во Република Македонија, Меѓународниот ден на трудот има статус на празник. Притоа, до 2006 година, тој се празнувал 2 дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден.
Во Македонија, празникот вообичаено се користи како ден за екскурзии во природата.












