Општините не ги информираат граѓаните за реализираните продажби на државно градежно земјиште. Тие ги објавуваат одлуките за отуѓување на државно градежно земјиште во Службен весник. Но, ниту една од мониторираните општини не презема други активности за информирање на граѓаните, односно донесените одлуки за продажба на земјиште и склучените договори со купувачите не ги објавуваат ниту на своите веб-страници, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Од таму велат дека нетранспарентноста оди дотаму што дел од општините не ги доставија склучените договори ниту преку барање за пристап до информации од јавен карактер. Нетранспарентноста во обелоденувањето на одлуките за продажба на државно градежно земјиште оневозможува информираност на граѓаните и го зголемува ризикот од злоупотреби.

Истражувањето покажува дека шест од осумте мониторирани општини (Битола, Неготино, Кичево, Куманово, Струмица и Штип), во последните пет години, продале 507.826 м2 градежно земјиште кое било сопственост на државата. Намената на градежното земјиште била за семејно домување, за лесна и незагадувачка индустрија, стоваришта, складови, хотелски комплекси. Градежното земјиште во сопственост на државата било продадено на 41 правно лице и на 17 физички лица.
На бараните информации за петгодишниот период, поврзани со големината на парцелите, за договорната страна со којашто е склучен договорот (физичко или правно лице) и за датумот на склучување на договорите, од страна на Општина Битола не ги добиле овие информации. За добивање на овие информации, од нивна страна биле упатени кон Агенција за катастар на недвижности, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Од продажба на градежно земјиште, шесте општини во последните 5 години оствариле приход од 20 милиони евра Повеќе од половина, или земјиште вредно 11 милиони евра, продала Општина Куманово.
Општините Струмица, Штип и Куманово од договорни казни наплатиле 16, 3 милиони денари, или 265 илјади евра. Кичево и Неготино немаат наплатено казни, а Општина Битола вели дека казни се наплатуваат тековно, но не дава информација колку пари инкасирала од наплатени договорни казни од продажба на државно градежно земјиште.
Eден од заклучоците е дека oпштините треба да ги објавуваат повиците за продажба на државното градежно земјиште и на своите веб-страници, како и во локалните медиуми. На овој начин ќе се зголеми информираност на локалната јавност, со цел да се овозможи еднаков третман на сите заинтересирани, да се зголеми конкуренцијата, а со тоа и вредноста на продаденото државно земјиште.












