Собранието денеска не ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик со кои требаше да се регулира колкав процент потписи од вкупниот број избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ) треба да соберат независните кандидати за учество на локалните избори.
Измените и дополнувањата добија поддршка од мнозинството пратеници, но не и по гласањето по Бадентер, каде 18 пратеници беа против предлогот.
Наместо првично предложеното решение кое предвидуваше собирање потписи 0,95 проценти од запишаните избирачи, беше прифатен амандманот на Левица за 0,5 проценти од запишаните избирачи.
Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека ДУИ е против независни кандидати на локалните избори, дури и прагот од 0,5% им пречи.












