Од денеска се пушта за сообраќај експресниот пат делница Фариш – Дреново, како дел од експресниот пат Градско – Фариш. Инвестицијата е вредна 44, 7 милиони евра и како што истакна вицепремиерот Николоски, ова била втората најтешка делница за работа, после автопатот Кичево-Охрид.

Од денеска жителите на цела Пелагонија, Тиквешкиот регион и сите други граѓани ќе можат да возат по побезбеден, поквалитетен и побрз патен правец.

Во продолжение интегралното обраќање на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски:

“Навистина е големо задоволството што во ова лето, граѓаните од Тиквешкиот регион, од Прилеп, Битола, Ресен, Могила, Новаци, Кривогаштани и оние што сакаат полесно да патуваат до Охрид и таму да го поминат дел од одморот, ќе можат да го користат овој експресен пат. Навистина честитки до сите кои беа вклучени во реализацијата на можеби втората најтешка делница од сите што ги работиме во моментов. Гледано како подвиг после автопатот Охрид-Кичево, ова е дефинитивно најсложениот подвиг кој што беше за решавање. Тунелите позади нас и планинанта позади нив беа голем предизвик. Буквално планина се помести за да се изгради овој експресен пат и да е безбеден што е многу значајно. Ние решивме отворањето да се помести за неколку месеци со цел да имаме максимално безбеден експресен пат по кој граѓаните ќе можат да сообраќаат, но исто така и да ги отстраниме сите пречки кои што стоеа на реализацијата на овој пат.

Замислете претходната Влада не помислила дека ако цела карпа стои на патот дека е возможно во дадени временски услови недајбоже истата да се сруши и на патот. Затоа на крајот на минатата година заедно со Премиерот донесовме одлука да се реши тој проблем, еве денеска е решен, ќе може да се види позади овие тунели дека планината не постои и тоа ќе е најлесниот и најбезбедниот начин за комуникација, што ќе значи од Скопје до Прилеп да се доаѓа за 1 час и 15, односно 1 час и 20 минути , а од Скопје до Битола да се патува за 1 час и 40 минути, а секако после реализацијата на автопатот Прилеп – Битола кој што доста интензивно се работи и за многу, многу пократко“ рече Николоски.











