Новиот состав на македонскиот тим во заедничката Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија денеска ќе има прва средба со бугарските колеги, по подолга пауза. Оваа Комисија претставува важен механизам за решавање на историските прашања и зајакнување на добрососедските односи помеѓу двете земји, согласно Договорот за добрососедство, кој беше потпишан во 2017 година.
Пред почетокот на средбата, куса изјава за медиумите даде претседателот на бугарскиот тим од Комисијата, Ангел Димитров. Прашан какви очекувања има од состанокот, рече дека не може ништо да каже пред средбата.
Историчарот Митко Панов, кој е дел од новиот состав на македонскиот тим, во интервју посочи дека е важно членовите на Комисијата да имаат академска слобода и да се работи без политички притисоци, со цел да се постигне објективен и стручен пристап кон историските прашања. Тој нагласи дека успехот на Комисијата ќе зависи од тоа дали ќе се применуваат европските стандарди и современите принципи на работа, со фокус на конструктивен дијалог и слободно изразување на ставовите на двете страни.
Претседател на новиот македонски тим е професорот Ванчо Ѓорѓиев од Филозофскиот факултет, а покрај Панов, членови се и историчарите Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски. Составот на тимот беше обновен минатиот месец, а нивната задача е да продолжат со процесот на усогласување на историографските разлики меѓу Македонија и Бугарија.
Комисијата досега има усвоено препораки за заедничко чествување на историски личности како Светите браќа Кирил и Методиј и Цар Самоил, како и измени во учебниците по историја.












