Велика Британија ќе ги испрати своите први проектили со долг дострел во Украина, откако Русија ги погоди преградијата на Киев за првпат од април.
Според министерот за одбрана Бен Валас, земјата ќе испрати ракетни системи М270, што можат да истрелат прецизни ракети до 80 километри, подолг дострел од која било ракетна технологија користена сега во војната.
„Ако меѓународната заедница продолжи со поддршката, јас верувам оти Украина може да победи. Со промената на руската тактика, мора да се смени и нашата поддршка за Украина. Овие високо способни ракетни системи за повеќекратно лансирање, ќе им овозможат на нашите украински пријатели подобро да се заштитат од бруталната употреба на артилерија со долг дострел, што силите на Путин ја користеа неселективно за да уништат градови“, тврди Валас во соопштението, објавено од британското Министерство за одбрана.
Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска предупреди дека Москва ќе напаѓа нови мери, доколку Западот и достави на Украина ракети со долг дострел. Тој оценува дека сегашното снабдување на Украина со оружје има за цел да го продолжи конфликтот.
„Ако на Украина и бидат испорачани ракети со долг дострел ние тогаш ќе извлечеме соодветни заклучоци и ќе употребиме наше оружје за да погодиме локации кои досега не сме ги напаѓале“, изјавил Путин во интервју, кое во целост ќе биде објавено вечер на телевизијата Русија еден.
Тој не прецизира до кој домет Москва ќе реагира, ниту пак што би можело да биде цел на нападите.
САД пред неколку денови одлучија да и испорачаат на Украина ракетни системи Химарс, со домет до околу 80 километри.












