Ние сме посветени како држава на градење на цврсто партнерство и потврда за македонско турското пријателство на економски, политички и културен план, нагласи премиерот Христијан Мицкоски, за време на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Имав исклучително значајна и конструктивна средба со претседателот господинот Реџеп Таип Ердоган, по што можам да кажам дека оваа средба е потврда на традиционалното пријателство, силното партнерство и стратешката соработка меѓу нашите две земји.

На средбата разговаравме за продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери, со особен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена. Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила со големо влијание во регионот, а заедничката заложба е да ги зголемиме турските инвестиции во Македонија и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар.
Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат кај нас, во делот на патната и железничката инфраструктура, а од друга страна неодамна и како што објавивме имаме соработка во делот на енергетиката со значајна и голема турска компанија за инвестиции во изградба на когенеративни гасни централи, топловодна и гасна мрежа во висина од би рекол до една милијарда долари.

Дополнително, разговаравме и за унапредување на соработката во областа на безбедноста, образованието, културата и здравството. Двете земји се сојузници во НАТО, а нашиот заеднички приоритет е стабилноста и безбедноста во регионот“ рече Мицкоски.
Мицкоски и Ердоган потпишаа заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. Премиерот нагласи дека Советот ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји.

„Mорам да ги потврдам добрите односи меѓу двата народа. Кај нас турската заедница е лојален дел од македонското општество, исто како што и македонската заедница во Турција е значаен дел развојот на Турската држава.

Јас во претседателот Ердоган гледам голем поддржувач и пријател. Неговото минато, исто како и минатото на Турција се поврзува со мојата татковина, и воедно ова е добра прилика да кажам дека тој е секогаш добредојден во Скопје, во Охрид и на било кое место кај нас, и се надевам дека тоа ќе го стори многу скоро.
Уверен сум дека соработката меѓу двете држави ќе продолжи да се развива во духот на заемното почитување и заедничките интереси, со цел да обезбедиме подобра иднина за нашите граѓани“ истакна македонскиот премиер.













