Најслаткото чоколадо во градот, верувале или не, ќе го пронајдете во најнеочекуваното место – во сувенирницата и билетарница од битолскиот музеј. По теркот на европските музеи, од синоќа започна со функционирање обновената сувенирница којашто има и нова улога – оттаму купувате билет за влез во Музејот.
Чудесната стаклена кутија којашто многумина до пред десетина години ја нарекуваа киоск, некои сувенирница, лоцирана спроти спортската сала и наспроти фонтаната на Завод и Музеј, од синоќа ја осветли ново светло.
„Овој објекот кој што пре многу години овде е поставен и којшто навистина немаше некоја содржина досега ќе биде објект кадешто ќе се продаваат билети за во музејската поставка “ – објаснува директорот Зоран Николовски.

Од најслаткото чоколадо, преку чадорчиња со автограмот на Кемап Ататурк, до реплики на предмети пронајдени во древната Хераклеа, се дел од понудата на сувенирницата. Тоа е концептот и постојано ќе биде збогатуван со нови предмети, вели директорот Николовски. Инаку во зградата седиште на Завод и Музеј, на самиот влез во моментов се изведуваат градежни работи за поставување на влезни рампи. Николовски очекува во следните 30тина дена да завршат комплетните работи и да започне да функционираат.
„Што се однесува до автентичноста апсолутно нема да влијае , напротив, тоа ќе бидат дискретно поставени рампи во влезот, во внатрешноста на објектот, однадвор нема ништо да се забележува.“ – вели Николовски.
Повторното функционирање на сувенирницата е дел од проектите на НУ Зaвод и Музеј кои не се дел од финансиската поддршка на министерството за култура, туку дел од програмата што Музејот ќе ја реализира со сопствени средства.












