23-ти април е денот кога се одбележува Светскиот ден на книгата и авторското право, востановен од УНЕСКО во 1995 година. Овој датум се одбележува секоја година во целиот свет како симболичен датум во светската книжевност бидејќи токму овој ден е поврзан со брилијантните личности на пишаниот збор како Мигуел де Сервантес, Вилијам Шекспир, Лопе Де Вега. Идејата се заснова на стариот каталонски обичај да се подари книга и роза.

Македонската порака за настанот ја напиша проф. д-р Ана Стојаноска, а светската порака е од Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО.
„ Светот на книгите е светот на бескрајните можности. Светот на книгите, заедно со светот на уметностите е непроценливата смисла на човековото постоење. Во книгите се скриени сите одговори, дури и оние на непоставените прашања. Книгите постојат од првите човекови обиди да се раскаже приказната, да се напише одредено сведоштво, да се остави трага низ вековите. Книгите се создавале и се пишувале, но пред сѐ, се чувале за да бидат дел од колективната оставнина на човештвото. Книгите ни се многу потребни денес. Посебно денес! Кога светот станува нетрпелив, брз, дефокусиран, кога не се чита толку многу, кога се пишува непотребно многу, кога вредностите се изменети, кога човештвото се наоѓа толку близу до сопственото уништување. Книгите ни требаат на сите. Да се чува уметноста и знаењето во книгите е посебна одговорност. Затоа ни се важни вакви денови. Затоа што нѐ потсетуваат зошто постојат книгите и зошто толку ни се важни. Независно во каков формат и да се наоѓаат, важното е она што е напишано во нив. Книги имало и ќе има секогаш. Сѐ додека постои човековата потреба за знаење, за раскажување и за читање на сето напишано“, истакнува Стојаноска.

Одре Азуле, напиша:
„Книгите се едни од најневеројатните предмети кои постојат, а овој ден е посветен токму на нив. Книгата, без оглед на нејзиниот формат, е суштинско средство за образование и извор на знаење. Со книгите учиме да читаме. И благодарение на нив остануваме информирани, се забавуваме и сме способни да го разбереме светот.
Книгата е исто така исклучителен начин да се откријат светови и ликови кои инаку би било тешко да се сретнат – а уште потешко да се разберат. Книгите овозможуваат комуникација помеѓу местата и времињата, а со тоа ни нудат интимен пристап до другоста и поттикнуваат меѓусебно почитување и разбирање меѓу поединците и културите. Со книгите, патот до Другиот започнува и повторно се враќа.
Сепак, за книгите да можат да го ослободат својот целосен потенцијал, од суштинско значење е тие да ја одразуваат извонредната лингвистичка разновидност на нашиот свет. Така, со цел да се зачува и интегритетот и различноста на културите и нивните изрази, минатата година Обединетите нации ја започнаа Меѓународната декада на домородните јазици (МДДЈ) (2022–2032). Целта на МДДЈ, предводена од УНЕСКО, е да ги промовира овие особено загрозени јазици и така да ги заштити правата и културите на домородните народи. На овој ден, УНЕСКО и сите негови партнери ве покануваат не само да го славите читањето и културата, туку и да се заложите за нивната поддршка“.
На Светскиот ден на книгата се сооштуваат и најчитаните автори и наслови од домашната и светска книжевна продукција.













