29-ти Април се слави како Светскиот ден на танцот, во чест на роденденот на Жан- Жорж Новер, кој е познат како творец на модерниот балет.Датумот е избран 1982 година, по предлог на Танцовиот Комитет при Интернационалниот театарски институт на УНЕСКО. Организатори на дигитално одбележување на овој ден се Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.
Авторот на домашната порака по повод Меѓународниот ден на танцот е македонскиот танчер, кореограф, перформер кој живее и работи на релација Шведска, Бугарија, Македонија , Александар Георгиев.

„Мојата мала мантра за танцот е: Танцот може да се сподели, но не може да се поседува; танцот може да се активира, но не е статус за парадирање. Па дури понекогаш уживам и во размислите дека танцот не треба и не може да биде индивидуален процес на професионализација. Системите и структурите што го професионализираат танцот треба да одржуваат свесност за танцот да не создаваат ексклузивност која ќе води до поделба и класификација. Треба да бидеме свесни дека секој е танчер и дека процесот на професионализација не создава некаков си посебен вид на „не-танчери.’’ Танцот не функционира на некаков си бинарно изграден опозициски систем, туку напротив, тој процес на професионализација е развојно-комплементарен систем во сферата на танцот.
Оваа порака би ја дополнил со тоа дека треба да дозволиме танцот да ја добие својата автономија, своето застапување, и својата независност, затоа што е тука и му треба континуирана еманципација“, истакна Георгиев.

Авторка на светската порака е кинеската танчерка и кореографка Јанг Липинг, која вели Танцот е начин на комуникација со светот. Таа нагласува дека животот не престанува, затоа и танцот не престанува.
„Во мојот свет, танцот постојано е дел од нашите животи, танцот се преплетува со нашето егзистирање – од детството до смртта. Танцот е клучот со кој се отклучува комуникацијата на човечкото битие и природата; танцот е комуникација со сите живи битија. Во мојот роден крај се вели: „Ако имаш нозе а не можеш да танцуваш, си го губиш животот на празно.’’ Танцот е силно поврзан со природата и животот. Ако мене ме прашувате, танцот е едно со природата и животот – а тоа е вистинската есенцијалност на танцот. Како танчер, во континуитет ги истражувам безграничните дострели на танцот низ декадите, така навлегов и во креирање на експериментални современи кореографии за проектите Целата приказна, Збогум моја конкубина и Будењето на пролетта, поставени на глобалните сцени.
Мојата уметност е предизвикана од природата во мојот роден крај, од мојот личен живот и искуствата, и од суштината на цивилизацијата на Истокот, која е интегрален дел од светската цивилизација; така се создаваат разликите, богатствата и пред се’ инспирацијата“, додава Липинг.
Со одбележувањето на овој ден се слави богатата историја и културното значење на танцот како уметничка форма која е дел од човековото изразување илјадници години.












