Битола денеска одбележува 80 години од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна. На 4 ноември 1944, Седмата македонска ударна бригада победнички влегла во Битола. Од пред неколку дена започнаа настаните со кои се одбележува овој ден.

Денешните активностите започнaa со оддавање почит на загинатите борци пред споменикот на Плоштадот Гоце Делчев.
„Денес имаме голем ден, голем празник и јубилеј за Битола – 80 години од ослободувањето на градот. Денес оддаваме должна почит кон хероите кои ги дадоа животите во народноослободителната борба, а наша должност е да не го заборавиме нивниот спомен и истиот да остане запаметен и од младите кои ќе продолжат заедно со нас повозрасните во обновата на Битола. Нека ни е честит големиот јубилеј – 80 години слободна Битола! “, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Свежо цвеќе положи градначачникот на Битола, делегација на Советот на Општина Битола, претставници на политички партии, Сојузот на борци и други делегации. Положија цвеќе и на споменикот на Стив Наумов и на партизанските гробишта.

Свежо цвеќе положи и заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски.

„Денес, оддаваме почит на сите храбри луѓе кои се бореа за слободата на Битола и нејзиното ослободување. Овој ден не потсетува на значењето на слободата и правото на секој човек да живее во мир и просперитет. Битола, со својата историска и културна вредност, е симбол на отпор, решителност и обнова. Во духот на слободата, Министерството за финансии останува посветено на создавање економски услови кои ќе овозможат просперитет за сите граѓани на Битола и пошироко. Преку одржлива економска политика, инвестиции во инфраструктура, отворање на нови работни места и зајакнување на локалната економија, заеднички со градоначалникот и општината, работиме за иднината на нашиот град и држава. Во чест на хероите кои се изборија за овој ден, нека ни е честит Денот на ослободување на Битола!“ рече Јанкуловски.
Вечерва е свечената академија на која ќе бидат врачени четвртоноемвриските награди. Едногодишните и таа за животно дело на актерот Борис Чоревски.

А во духот на хуманоста програмата продолжи со крводарителска акција наменета за вработените во Општина Битола.

Во истовреме и прием на делегациите од збратимените градови кои за дојдоа во Битола, а се од Пожаревац, Плевен и Херцег Нови.

1:0 за Пелистер на вечното дерби со Вардат синоќа под рефлектори.
„Не можевме подобра честитка да добиеме од Пелистер“’ рече Коњановски.
Во делегацијата на Советот на Општина Битола, беа само претседателката Габриела Илиевска и советникот и координатор на советничата група на ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски, но не и претставник на СДСМ, односно нивниот координатор Методија Илиевски или било кој друг советник, што предизвика прашања меѓу дел од присутните, за отсуството на СДСМ.

На нашата порака испратена до Илиевски не добивме одговор, а откако положија цвеќе сите делегации и се подготуваа да направат заедничка фотографија се појави советникот Борче Корлевски.

Потоа и тој стана дел од делегацијата на Советот, но кај споменикот на Стив Наумов.













