Обилните дождови што предизвикаа големи штети во Преспанскиот регион и поплавија куќи, магацини, дворови и овоштарници,од друга страна донесоа малку надеж за Преспанското Езеро.
Нивото на Преспанското Езеро бележи значително зголемување по врнежите од дожд во изминатите два месеца, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.
За периодот од ноември 2025 година до почетокот на јануари оваа година, водостојот пораснал за 48 сантиметри.

Според мерењата на станицата во Наколец, на 8 јануари 2026 година нивото на езерото изнесувало 841,36 метри надморска височина, додека на 7 ноември лани било 840,88 метри. Само во првиот бран дождови, од 7 ноември до 2 декември 2025 година, нивото се зголемило за 27 сантиметри, а од тогаш до почетокот на јануари оваа година за уште 21 сантиметар.
Преспанското Езеро со децении се соочува со сериозен пад на водостојот. Максимумот бил достигнат во 1963 година и изнесувал 851,83 метри надморска височина. Оттогаш поради климатските промени, понирањето на водата и прекумерното користење на водните ресурси, нивото почна да опаѓа.
Научните анализи за иднината на Преспанското Езеро беа песимистички, но, сега, по подолго време, со најновиот пораст, иако сè уште далеку од посакуваното ниво, сепак внесува умерен оптимизам за езерото.












