Со низа настани Националната установа Универзитетска библиотека„ Св. Климент Охридски“ ќе го одбележи 8 децениското постоење. На панел дискусија во КИЦ Офицерски дом се зборуваше за улогата и значењето на Библиотеката во развојот и секојдневието на граѓаните и регионот. „Библиотеката – срце на заедницата: 80 години култура, знаење и иновации“ е насловот на првиот од настаните со кои Библиотеката ќе го одбележи 80 годишното постоење. Директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова рече дека е задоволна што оваа како што ја нарекоа предјубилејна недела започнува токму со ваквата дискусија.

Започнаа со едноминутно молчење за жртвите во дискотеката во Кочани.
Пред да започне дискусијата универзитетскиот професор во пензија Александар Стерјовски ја оствари својата желба и на оваа културна установа и подари ретки книги за битолската историја кои се дел од неговата лична библиотека. Оваа година библиотеката подготвува библиографија на неговото творештво.


И токму ова е местото што го заземаат библиотеките – спој, пренсување, дисеминација на знаењето, заради нивната природа. За тоа зборуваше и градоначалникот Тони Коњановски на почетокот на панелот. Со присутните сподели свои сеќавања од детството кога битолската библиотека била лоцирана во зграда на Широк Сокак. „Библиотеката е длабоко поврзана со моето детство. Период кога се натпреварувавме кој ќе има повеќе испишани графи од оние книшки во кои се запишуваа земените книги и кој побрзо ќе ја смени таа книшка.“-рече градоначалникот Коњановски.

И дел од панелиститеа прашавме дали го паметат времето кога библиотеката беше единствениот извор на литература – лектира, стручни книги.
„Да секако, јас го затекнав тоа време“ – вели директорката Стефановска-Давкова. „Немавме интернет, можевме само од библиотеката да позајмиме книги“.

„Ние брзавме како деца што побргу да изнајмиме книга, бидејќи се случуваше да ја нема повеќе особено лектирата за предметот Македонски јазик, ако не се изнајмеше навреме, немаше од каде да се најде.“ – ни рече ректорот на Универзитет „Св. Климент Охридски“, проф.Д-р Игор Неделковски.
„Јас имав среќа, бидејќи доцна почнав да играм со кукли, првин почнав да играм со книги и сликовници, книгите беа околу мене , беа дома.“ – ни рече доц. Д-р Анита Ангелевска.
На овие панелисти им се приклучија и проректорот проф.д-р Горан Илиќ , Снежана Петровска, раководител на сектор во Општина Битола, професорката по македонски јазик БИлја Димко, Д-р Светлна Талевска и Д-р Николче Вељановски, сегашни и поранешни вработени, м-р Ивана Хаџиевска, професори и угледни граѓани, работници од културата и образованието. Осовременувањето на библиотеакта подразбира следење на технолошките промени во општествата.
Кое е местото на библиотеката во широката заедница?
„Без библиотека нема ни држава ниту универзитет. Фактот што библиотеката во Битола е основана за помалку од 5 месеци откако е ослободен градот, кога се создавала македонската држава е важен елемент. Основачите на современа Македонија знаеле дека без библиотека држава неможе. Тоа е првата работа. Второ , во 1979 година кога е основан универзитетот библиотеката е трансформирана од матична во Матична и Универзитетска , без библиотека неможе универзитет. “ – вели проф.Д-р Игор Неделковски.

„Библиотеката како институција го согледува и традиционалното библиографско место нејзино како депо и хранилишта на книги, но и нејзиното адаптирање, позиционирање во сите современи светски случувања. “ – вели доц. Д-р Анита Ангелевска.
„Ние сакаме да ги обединиме сите во рамките на библиотеката, почнувајќи од децата од предшкосла возраст, во нивната училишта возраст, средношколците, студенти, пензионери сите вљубеници во книгата и да ги вратиме во библиотеката. Таа не е само место за позајмување на книгата, таа е место за настани, местоо за дружење, место за интелектуална комуникација и за проширување на знаењето на заедницата. “
Општествените услови го имаат својот развоен тек, кој во последно време е надминат од технолошкиот развој, а токму тоа е предизвикот со кој се соочува НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола – одговор и опстојување во технолошката ера. Што во следните 8 децении?
„Библиотека доаѓа од грчкиот збор biblios и dekos – книга и складиште. Сега со дигитализацијата секој има свое складиште, не му треба складиште. Библиотеката од складиште на книги треба да стане читалиште, место кадешто ќе се читаат книги, ќе се дискутира за книгите, искуствата.Инаку само како складиште е веќе надминато.“ – вели професорот Неделковски.

„Бидејќи како што оди брзо промената во светот и на сите процеси, развојот и на технологијата, Библиотеката, за да остане во фокусот и за да и се придружат припадниците на младиот свет , но и да биде од една страна олеснувачки медиум и нам возрасните, треба да се видоизменува. За следните 8 децении на Библиотеката тоа значи освен што ќе остане чувар на колективната меморија , треба да премине во едно моќно трансферирање на науката, културата, едно силно вмрежување на сите коишто имаат потреба од тоа. “ – вели професорката Ангелевска.
Панел дикусијата„Библиотеката – срце на заедницата: 80 години култура, знаење и иновации“ е првиот настан во т.н предјубилејна недела што е посветена на 8 децениското постоење. Во холот на Библиотеката беше поставена изложба која говори за развојот, во следните денови предвидени се настани посветени на читателите и роднојкрајните писатели, а в петок е предвидена свечената академија.












