Бојата за велосипедските патеки е по стандард и за жал истовремено е показател за загаденоста од возилата. Вака денеска се обраќаат до медиумите и јавноста од јавното претпријатие „Паркинзи“ кои вчера имаа лавина од реакции на граѓаните дека бојата се променила.
Денеска повторно беа на терен, проверувајќи ја вистинитоста на реакциите што ги добиле од граѓаните.

И информираат дека „Обележувањето на велопатеките во Битола, продолжува со истиот интензитет како и минатата недела. Црвената боја со која се означени патеките не избледува“ Но, издувните гасови од возилата предизвикуваат покривање на бојата и делови од патеката.
Оттука и фотографиите – пред и потоа. На почетокот на бојосувањето и на крајот од денот, на случајно избрана локација.
„Бојата со која се одбележува хоризонталната сигнализација ги исполнува сите стандарди кои се задолжителни за таа намена. Истата ги поседува сите релевантни сертификати од акредитирани лаборатории и се користи на најголемиот број на сообраќајници и јавни патишта низ Државата и регионот “ – велат денеска од „Паркинзи“ додавајќи – дека тоа е така во над 80% од официјалните локации.

Информираат дека при извршувањето на бележењето (таа иста боја) ги поминала сите надзори над досегашните изведби.
Само за споредба и паркингот кај спортската сала и крстосницата наспроти него се означени со истата боја (паркингот без малку пред три години, а раскрсницата наспроти него е бележена на 26-ти јуни годинава) а, разликата од талогот предизвикан од сообраќајот е евидентна.
Денес повторно со фотографија претставен е дел од нова локација (локацијата намерно е избрана како една од сообраќајно пооптоварените во градот а и талогот на новите вело-премини е далеку пообемен од претходната локација). Улица Партизанска наспроти црквата кај новиот пазар, подлогата е третирана со благо абразивно средство и вода.

„Можеме да претпоставуваме многу работи, можеме и да ги негираме фактите но тоа не значи дека проблемот со талогот од издувните гасови на автомобилите ќе исчезне, а бојата е тука. “ – констатираат од претпријатието со размислата дека овојпат „Очигледно, реалноста потврдува, дека час поскоро сите мораме да се одлучиме за алтернативен начин на транспорт, односно користење велосипед, со што ќе ја заштитиме животната средина и пред се, ќе си го зачуваме нашето здравје.“
Фото: ЈП „Паркинзи“ Битола













