Министерот за здравство, Беким Сали и министерот за финансии Фатимир Бесими информираа дека болните од цистична фиброза на кои им е потребен лекот трикафта, ќе чекаат законски измени за лекот да биде набавен директно од производителот, поради тоа што е многу скап. За сега лекот ќе биде достапен само за осум пациенти кои се во многу тешка состојба. Македонија е единствена земја во регионот која не ја обезбедува терапијата која ја бараат пациентите со цистична фиброза.

„Ќе бидеме во постојана комуникација се до комуницирање со производителот и обезбедување на терапија првично за осум пациенти кои се во потешка здравствена состојба, а стремежите се набавката на лекот да биде за 30 пациенти во текот на годината. Се надевам дека со измените на Законот за јавни набавки и останатите закони поврзани со набавка на лекови, ќе обезбедиме и терапија за пациентите“, кажа Сали.
Министерот Сали кажа дека не може да потпише писмена гаранција дека ќе го набават лекот, како што беше побарано од болните од цистична фиброза, а за да не организираат нов протест за утре.
Прашан зошто лек само за 30 пациенти, Сали рече: „22 пациенти се во средно тешка состојба. Првиот пакет е за 30 пациенти. Иницираме преговори со производителот за цената, се надевам дека ќе го зголемиме бројот идната година“.
Засега не се знае по која цена ќе се набави лекот.
Според министерот за финансии, Фатмир Бесими, гаранција дека лекот ќе се набави е нивниот збор даден јавно.
„Тоа што сме пред вас и соопштуваме, тоа е најголемата гаранција дека ова прашање ќе го решиме. Ние сме одговорни јавни личности кои носиме јавни функции. Нашиот збор треба да се цени, бидејќи таков заклучок имаме заеднички, на Влада. Прашања на време е околу формалниот дел. Другото е на лекарите да го решаваат“, кажа Бесими.
Пациентите со цистична фиброза утре ќе протестираат пред Влада, изреволтирани и разорачани од одлуката на институциите.
-Изреволтирани сме и разочарани од изјавата на министерот за здравство и на министерот за финансии, се надевавме, баравме исклучително писмен документ во којшто ќе гарантираат дека работите ќе се движат и тоа е се со цел затоа што во минатото сме излажани со усни изјави, и затоа сега не можеме да се потпреме на тоа и не можеме да бараме од пациентите повторно, после две и пол години, се уште да го одложиме процесот и да чекаат дека нешто ќе се среди да се потпреме на тоа дека надлежните се одредени личности што се држат до нивниот збор, рече Фики Гаспар од Асоцијацијата за цистична фиброза на денешната прес-конференција.
Тој најави дека ќе го продолжат протестот утре во 12 часот пред Владата и ги повика сите граѓани кои сакаат да ги поддржат, се со цел, како што вели, да го добиеме правото на лек и да се забрза носењето на сите закони кои се потребни и да сфатат дека ние време за чекање немаме.

Ивана Атанасовска, претседателка на Асоцијацијата за цистична фиброза, повика на итност надлежните да ја сфатат нивната состојба.
– Јас би сакала да порачам надлежните кога ќе ги носат наредните одлуки да земат една сламка цевче да дишат и низ неа и да ја сфатат итноста на нашата состојба и се надевам дека во тој случај ќе донесат многу побрзо решение и ниеден живот нема да биде загрозен. Се зголемува бројот на пациенти со влошена состојба посебно заради вакви работи кои дополнително ни го влошуваат здравјето со стресови – дали ќе има одлука, дали ќе нема одлука, па делумна одлука и сето тоа влијае колку на психичкото толку и на физичкото здравје. И имаме пациенти кои се веќе постојано на кислородна поддршка, но тој број постојано ќе се зголемува затоа што времето нас не ни оди во прилог, рече таа.
На седница пред два дена Владата ги задолжи Министерството за здравство, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување да најдат начин да набават лекови за пациентите со цистична фиброза. Во Македонија има околу 130 пациенти со болеста.












