Oд Учителска школа, преку Педагошка академија до Педагошки факултет. Ова е најкусото објаснување на развојот на високобразовната институција за учители и воспитувачи – како што едно време беше познат Педагошкиот факултет при Универзитетот Св. Климент Охридски. Овој факултет денес „е реномиран член на УКЛО „Св. Климент Охридски“- Битола и модерна високообразовна институција подготвена успешно да ја врши својата мисија – едукација на студенти во областите на образованието.

Главната цел и задачата на Факултетот беше сеопфатна подготовка на учители и воспитувачи кои се квалификувани и стручно подготвени да се вклучат во системот на предучилишното и основното училишно воспитание и образовение. На Факултетот најпрвин беа застапени само две додипломски студиски програми, но набргу потоа се организираа и постдипломски студии, а постдипломците можеа да се стекнат со академско звање доктор на науки во областите методики и образовен менаџмент.
„Факултетот кадровски, просторно и технички е одлично опремен и може да одговори на предизвиците на демократизацијата на општеството и процесите на глобализација.- велат на својата официјална интернет страничка и додаваат „Факултетот Ви нуди студиски програми кои се структурирани според ЕКТС и високите европски стандарди за академски студии.“

Во рамките на конкурсот за упис на студенти во прва години или на додипломски студии, Педагошкиот факултет ги отвори вратите за 230 бруцоши, за 6 академски програми организирани во 8 студиски семестри односно 4 годишни студии.
На програмата Наставник за одделенска настава 15 места се отворени за редовни студенти од државна квота, 15 за редовни студенти со платена школарина и 15 вонредни.
На четиригодишната студиска програма Воспитувач има 10 отворени места за редовни студенти од државната квота, 10 за редовни со школарина и 10 вонредни студенти.
Педагошкиот факултет нуди и заедничка студиска програма со Техничкиот факултет – програмата Информатика и техничко образование што е норматив за наставниците по овој предмет во македонскиот образовен систем. Годинава има вкупно 30 отворени места за оваа програма и тоа по 10 за секоја од категориите студенти – редовни во државна , редовни со школарина и вонредни.
Педагошкиот факултет во студиската програма Англиски јазик и книжевност годинава има 50 отворени места за редовни студенти со платена школарина и 15 места за вонредни студенти.
За студиската програма Македонски јазик и книжевност има вкупно 30 места – по 10 за редовни во државна,м редовни со школарина и вонредни.
За студиската програма Социјална и рехабилитациска педагогија Факултетот има места за 10 редовни во државна квота, 10 редовни студенти со школарина и 10 вонредни студенти.

Пријавувањето на заинтресираните е во тек, преку iKnow системот односно електронски преку интернет страничката upisi.uklo.edu.mk , своите документи може да ги однесете меѓу 19 и 27 август. За упис на овој факултет претходно е потребно оценување на психо-физичките способности – процес кој трае до 2 септември кога ќе биде објавена прелиминарната ранг-листа на студенти. Инаку, министерството за образование и наука за оваа студиска година ќе додели 15 стипендии на редовни студенти кои ќе се запишат на програмата Македонски јазик и книжевност на додипломски студии од прв циклус.
Не само што Педагошкиот факултет им овозможува на студентите да се стекнуваат со професионални знаења за благородната професција – учител или наставник ( како сакате) туку со своите дејности е реален корисен чинител во заедницата: организира курсеви за странски јазици за 6 нивоа А1, А2, Б1, Б2, Ц1 и Ц2, издава уверенија за познавање на странски јазици по претходно тестирање, а организира и курсеви за македонски јазик како странски и издава уверенија за познавање на македонскиот јазик како странски јазик по претходно тестирање.
И други активности го прават факултетот дел од заедницата но и пошироката професионална заедница. – предавања на меѓународни семинари, организирањето дебатни клубови како „АргументУМ“ на пример или натпреварот по ораторство ТРИВИУМ, поддршката што ја даваат на талентираните студенти.
Оттука, и со целосно право порачуваат до идните студенти, своите идни колеги дека студирањето на Педагошки факултет значи стекнување знаење и животни искуства кои овозможуваат достојно и професионално вршење на најблагородната професија на светот – наставник.












