ТЕРА

REKLAMA???

ПОДЕМ: ВО ДЕМОКРАТИЈА ФУНКЦИОНЕРИТЕ СЛУЖАТ НА ГРАЃАНИТЕ, А НЕ ОБРАТНО

Од ПОДЕМ велат дека нема да ја коментираат одлуката на судот ниту реакциите кон истата, туку сметаат дека ова како што велат бизарно зголемување на платите не смее да се ефектуира. Во демократија фукционерите служат на граѓаните, а не обратно, велат од ПОДЕМ.

„Уставниот суд на Македонија, на 21 март донесе одлука со која се овозможува драстично зголемување на платите на Претседателот, Премиерот, пратениците, градоначалниците, судиите, обвинителите и други функционери.

Уставниот суд како противуставни ги укина измените на Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија кои биле изгласани од Собранието во 2010 и 2014 година со кои платите на функционерите практично беа замрзнати на нето износи кои се движеа меѓу 1000 и 1500 евра месечно.

Со укинувањето на овие одредби сега важат претходните законски решенија според кои функционерите веќе од следниот месец ќе имаат нето плати кои ќе се движат во износи меѓу 1700 и 2500 евра.

Одлуката на Уставниот суд согласно закон е конечна и извршна и не постои можност истата да биде оспорена, укината или поништена.

Информацијата дека функционерските плати се зголемуваат за скоро 78% доаѓа само еден ден откако МОН јавно призна дека нема средства за да ги испечати учебниците за средношколците, во истиот ден кога здравствените работници со закана за штрајк добија само 2 до 3000 денари повисоки плати и во време кога пензионерите добија само 8,4% зголемени пензии а сите заедно, нормално секој со своите приходи ќе мораат да се справуваат со инфлацијата од скоро 17%.

Ваквото досега незапаметено зголемување на функционерските плати во време кога граѓаните никогаш не биле посиромашни вчера бесрамно од некои беше коментирано како ,,невкусно” и ,,одлука која мора да се почитува”.

Темата, со кои постигнувања на избраните и именувани функционери го заслужија ова зголемување за жал остана недопрена.

ПОДЕМ нема да ја коментира одлуката на судот ниту реакциите кон истата.

Сметаме дека ова бизарно зголемување на платите не смее да се ефектуира.

Злобно и бесрамно е од данокот на граѓанинот кој добива 20000 денари месечно да се исплаќа функционерска плата од 2500 евра.

Затоа ПОДЕМ ги повикува пратениците веднаш да иницираат свикување на седница на Собранието на која во итна постапка со акламација ќе се усвојат измени на Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија така што едноставно ќе се избрише член 11 од истиот закон и ќе се надмине неуставноста на која укажа Уставниот суд.

Позитивните прописи во земјава нудат можност ваква измена на законот да стапи на сила пред 15 април како последен рок за исплата на мартовска плата и вака неодговорно зголемени плати никогаш да не бидат исплатени.

Секое постапување на пратениците, спротивно на оваа наша иницијатива, ќе значи изневерување на секој добиен изборен глас и ставање на своите пред граѓанските интереси, што за среќа е казниво на избори.

Во демократија, функционерите служат на граѓаните, а не обратно“, рече Никола Шарковски портпарол на ПОДЕМ.