ТЕРА

REKLAMA???

Пожар во Ресенско-огнот навлезе во Пелистер

Пожар што попладнево избувна од преспанска страна се прошири и навлезе во Националниот парк „Пелистер“.

Огнот избувнал нешто пред 15 часот, а во моментов зафатени се ниските делови на паркот, во појасот меѓу подножјето на врвовите Вртушка и Мала Чука. Силниот ветер дополнително ја отежнува интервенцијата.

На терен се екипите на Националниот парк „Пелистер“, заедно со противпожарните единици од Ресен и Битола. Во гаснењето од воздух се ангажирани и двата „Ер трактори“, додека кон местото е упатена и механизација од јавните претпријатија од Битола за пробивање и правење пресеци со цел да се спречи ширењето на огнот.

Според неофицијалните информации од терен, постојат сомнежи дека пожарот можеби е подметнат. Пожарникарите од Ресен, додека работеле на локализирање на првиот пожар, забележале дека во исто време избувнал и нов пожар на друга локација.

Ова засега е само сомнеж и причините за избувнувањето на пожарот треба дополнително да ги утврдат надлежните институции.

Најголемата опасност во моментов е огнот да се прошири кон повисоките делови и да ја зафати боровата, односно моликовата шума во Националниот парк. Затоа екипите на терен се обидуваат што побрзо да направат противпожарни пресеци и да го стават огнот под контрола.

Интервенцијата продолжува.