ТЕРА

REKLAMA???

ПОЗИТИВНИ РЕАКЦИИ ЗА ФАКУЛТЕТОТ ЗА МЕДИЦИНСКИ НАУКИ И ЗДРАВСТВО ВО БИТОЛА

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја поздравува Одлуката на македонската Влада за усвојување на Информацијата за потребата од основање на Факултет за медицински науки и здравство, како нова организациска единица во состав на УКЛО, велат од универзитетот.

„Овој чекор претставува значаен придонес кон развојот на здравственото образование и научноистражувачката дејност, со посебен акцент на потребите на Пелагонискиот и Југозападниот регион. Новиот факултет ќе понуди современи студиски програми кои ги интегрираат теоријата и практиката, со цел подготовка на стручни кадри способни да одговорат на тековните и идни предизвици во здравствениот систем.

Во рамките на основачкиот концепт, новиот факултет ќе понуди четиригодишни додипломски и програми од втор циклус, насочени кон обезбедување квалитетна едукација, стручен напредок и активно вклучување на студентите во научноистражувачки активности. Според предлогот на Министерството за образование и наука, Факултетот за медицински науки и здравство е планирано да започне со работа од академската 2026/2027 година.

Одлуката за основање на Факултетот се темели на идентификуваните приоритети од страна на државата, во контекст на актуелните глобални и локални предизвици – како што се стареењето на населението, порастот на хронични заболувања, дигитализацијата на здравствените услуги и недостигот на здравствени професионалци – што ја прави оваа иницијатива навремен и стратешки чекор. Иницијативата произлегува од заложбите на универзитетското раководство, предводено од ректорот проф. д-р Игор Неделковски, резултат на конструктивната соработка со државните институции, локалната самоуправа, здравствени установи и други релевантни чинители.

Основањето на Факултет за медицински науки и здравство е во согласност со долгорочната визија на УКЛО за создавање стручни кадри, подготвени да одговорат на актуелните потреби на здравствениот сектор и пошироката заедница“ истакнуваат од битолскиот универзитет.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски вели дека со особено задоволство ја примил веста дека од страна на Владата е донесена одлука за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

„Оваа одлука претставува стратешки исчекор во развојот на високото образование, здравствениот систем и регионалниот развој на Пелагонискиот регион.

Формирањето на ваков факултет ќе овозможи младите од регионот и пошироко да стекнат квалитетно високо образование во областа на медицината и здравството, без потреба од иселување или заминување во други градови. Истовремено, новиот факултет ќе придонесе за зајакнување на здравствената инфраструктура преку образование на кадар, кој ќе биде во служба на граѓаните.

Очекуваме дека Факултетот ќе стане современ академски центар, кој ќе поттикнува научно-истражувачка дејност, ќе соработува со домашни и меѓународни институции и ќе биде двигател на позитивни промени во системот на здравствена заштита во земјата. Отворањето на Факултет за медицински науки и здравство е долгогодишна желба на битолчани, која се надевам дека по подготвителниот период, веќе од студиската 2026/2027 година, ќе започне со работа.

Факултет за медицински науки и здравство е инвестиција во иднината – во знаењето, здравјето и просперитетот на југозападниот дел од нашата држава“ вели Коњановски.