Нешто после 17:00 часот Битола беше зафатена од невреме, дожд и силен град. Невремето траеше неколку минути.

Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека попладнево во Охридско имаше силен развој проследен со ветер и грмежи и поинтензивен дожд и појава на град со големина и до 30 мм. Доцна попладне појава на град има во Прилеп (дијаметар 15 мм). Попладнево се уште уште има интензивна нестабилност во планинските региони на западот и во делови од скопската котлина и Пелагонија.

До крајот на денот ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, претежно од западниот дел на земјата кон Повардарието и кон североистокот и ќе премине и преку скопската котлина.

Изолирана нестабилност ќе има и во вечерните часови. Преку ноќта облачноста особено на истокот ќе се намали.
Утре променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 28 степени.
Утре преку денот температура ќе биде пониска за 3 до 5 степени. Од понеделник ќе се намали нестабилноста и повторно ќе преовладува потопло време.












