ТЕРА

REKLAMA???

ПО ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ПОЧНУВААТ СО ЗАШТИТА НА ПРЕСПА

По повеќе од 12 години од потпишувањето на Договорот за заштита на Преспанскиот регион, Македонија, Грција и Албанија одржаа први состаноци на кои утврдија насоки за заедничкото одржливо управување и унапредување на Преспа. Граѓанските еко-организации овој момент го оценија како историски за заштитата на Преспа, пишува Радио Слободна Европа.

Првите два состаноци трите држави ги одржаа во информативниот центар Пили во Грција, на брегот на малото Преспанско Езеро, каде беа усвоени неколку документи: за воспоставување на Секретаријат на Комитетот за управување со „Преспа парк“ составен од членови од Македонија, Грција и Албанија, а направен е и договор за начинот на кој ќе управува Секретаријатот.

Потоа, изработени се два акциски планови за тоа како ќе спроведува Договорот за заштита и одржлив развој на подрачјето на „Преспа парк“ во периодот од 2022 до 2024 година, велат за РСЕ од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Преспанското Езеро веќе неколку години е во многу лоша состојба, главно поради експлоатација на водите за земјоделството, но и како резултат на климатските промени.

Иако сезонава имаше поголеми врнежи од снег и дожд, водата на Езерото во моментов е пет метри под референтната нулта точка во хидролошката станица во Стење, според податоците на Секторот за животна средина во Општина Ресен.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека на средбите било дискутирано за еколошката состојба на Преспанското Езеро, но и за повлекувањето на водата.

„Беше направен предлог-список на приоритетни активности, меѓу кои заеднички мониторинг на Езерото, анализа на намалувањето на нивото на водата и за надминување на состојбата со Преспанското Езеро. Во рок од две недели истиот ќе биде финализиран и одобрен од страна на ово тело“, велат за Радио Слободна Европа од МЖСПП.