Пуштен е во употреба затворениот базен во скопската општина Кисела Вода, а до крајот на летото, како што рече премиерот Христијан Мицкоски ќе се завршат уште четири. Тој во присуство на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски и министерот за спорт, Борко Ристовски, кажа и дека многу е важно сето она што е почнато да се заврши.

„Да не ги оставиме работите да бидат споменици на едно време, колку и тоа да ни се допаѓало или не допаѓало во минатото. Пари се трошени од граѓаните и мора истото да се заврши за да може да биде ставено во функција за да може граѓаните да го користат. Следат уште 4 коишто до крајот на летото од овој изведувач ќе треба да бидат пуштени во функција. Она што јас можам да го кажам е дека остануваме Влада којашто ќе биде Влада насочена кон реализација на проекти, реформи и влада којашто гледа во иднината“ рече Мицкоски.

Министерот за спорт Борко Ристовски рече дека пуштаат во употреба еден од оние закочени проекти, како што рече пет фамозни базени кои биле започнати во 2019 година и дека следни за пуштање во употреба ќе бидат затворените базени во Штип и Битола.
Инаку во 2019 година затворениот базен во Битола од дворот на ОУ„Даме Груев“ го најави тогаш советникот од СДСМ, Методија Илиевски.












