ВМРО ДПМНЕ и коалицијата на 26 седница на Совет поднесе иницијатива за доделување на финансиска помош во висина од 10.000,00 денари по семејство на осудените за настаните во Собранието на 27 април 2017 година. Според иницијативата финансиската помош им се доделува бидејќи неправедно биле осудени.

„Поднесуваме иницијатива за одделување на еднократна финансиска помош за уставобранителите, односно за неправедно осудените од настаните коишто беа на 27 април 2017 година. Ова е најмалку што ние можеме да направиме како град за нив. Очекуваме поддршка од страна на сите советнички групи, бидејќи тие се граѓани кои се неправедно осудени и очекуваме и дека останатите општини од државата ќе го следат примерот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата и ќе донесат исто ваква одлука“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Во четврток пред одржувањето на седницата која како што е познато ја напушти опозицијата, побаравме став опозицијата околу ова прашање.
„ Се разбира категорично против. Некои луѓе кои ја загрозиле безбедноста на нашите сограѓани во тој случај пратениците мислам дека не треба да се амнестираат. Во нашата држава има доволно институции кои ја докажале нивната вина, така што за тоа не треба да размислуваме, зошто ако ги амнестираме таквите случаеви во иднина можи повторно да се случат истите“, рече Методија Илиевски,советник од СДСМ Битола.

Коалициониот партнер на ВМРО ДПМНЕ ПОДЕМ даде поддршка на иницијативата.
„Ние иницијативата ја поддржуваме, како коалиционен партнер и солидарно ја поддржуваме за неправедно осудените“, рече Златко Лозаноски, советник на ПОДЕМ.
Седницата продолжи вчера, но без СДСМ, Поинаку и ДУИ. Со продолжението претседаваше Марица Тодоровска, како најстар советник од присутните во салата.

„Јас уште за време на координацијата имав забелешка околу оваа точка. Прво околу формулацијата неправедно осудените, ние овде не сме суд за да можеме да дадеме таква констатација, праведно или неправедно осудени дава судот и сметам дека на оваа точка не и е местото овде во Советот, заради тоа јас ќе се иземам од гласање од оваа точка“, рече Анастасија Трајковска, советник од ДОМ.

„Оваа точка е најлицемерната точка во историјата на Советот на Општина Битола. Ако се прашаме зошто, па баш од комитетот на ВМРО ДПМНЕ од Битола доаѓаат двете пратенички кои не гласаа за амнестијата. Ние ќе гласаме „ЗА“ бидејќи веруваме дека вистински им треба помош на тие семејства, но од вас ова е најлицемерно она што денес го правите“, рече Гаврил Трајковски, советник од Левица.
Ваквата иницијатива беше изгласана од страна на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата. Советниците од Левица ја поддржаа иако ја нарекоа лицемерна, а од гласање се изема советничката од ДОМ.












