ТЕРА

REKLAMA???

ПРАШАВМЕ КОЈ ИМ Е ПОГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ВО БИТОЛА, КУНОВСКИ ИЛИ ИЛИЕВСКА

За времето на посетата на РЕК Битола каде што беше на прославата на Денот на рударите, од премиерот Христијан Мицкоски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, побаравме коментар за изјавата на претседателот на СДСМ дека изрази жалење што не се донесоа измените на Изборниот законик оти власта не обезбедила мнозинство.

„Не би сакал да го коментирам тоа што е кажано од страна на СДСМ, бидејќи тоа е практично истиот оној фолклор кој што го слушаме еве веќе 15 месеци речиси, откако е оваа Влада избрана без да има било каква конструктивна дебата или предлози. Имавме измени во рамките на парламентот, нешто што треба да претставува рутина, а не мегдан за партиски препукувања, бидејќи станува збор за интересите на државата и граѓаните, но очигледно дека опозицијата има други калкулации, други математики, но што и да прават, како и да прават за многу скоро од денеска на 19 октомври ќе се соочат со изборен пораз, кој што ќе биде потврден на вториот круг, така што локаните избори што и да прават тие, за нив се загубени и  таму ќе претстои еден процес на реструктуирање, внатрешна катарза којашто им ја препорачувам за да се ослободат од некои, би рекол, стари времиња и да можат да бидат конструктивна опозиција и заедно да работиме за интересот на граѓаните“ рече Мицкоски.

Го прашавме овде во Битола, него и на Коњановски кој им е поголем предизвик на локалните избори, Куновски од СДСМ или Илиевска од Поинаку.

„Секој оној кој што ќе поднесе кандидатура има амбиција, има желба да биде градоначалник. Ние како политичка партија и како коалиција приоѓаме многу јасно и силно во оваа кампања затоа што сакаме да направиме историски резултат, да продолжи периодот на реформи, на сето она што денеска се гради во Македонија. Затоа велам дека и покрај тоа што бројките велат дека Коњановски е победник уште во првиот круг и дека победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе биде убедлива, ние до последен момент ќе се трудиме да обезбедиме глас повеќе, да убедиме повеќе граѓани да излезат на овие избори, бидејќи само на тој начин можеме да ја потврдиме реформската агенда на Владата и сето она што денеска се случува во Македонија“ ни одговори  премиерот.

Прашавме за советничката листа за Советот на Општина Битола на ВМРО ДПМНЕ, дали ја имаат креирано и кој ќе биде носител.

„Ја немаме се уште креирано. На 3 септември ќе имаме Извршен комитет на партијата. Тогаш уште оние градоначалници кои не се познати ќе бидат познати, така што да бидеме трпеливи, следната недела се ќе биде појасно“ вели тој.