Во битолската црква „Света Недела“ денес свечено беа пречекани моштите на великомаченичката Света Недела (Света Киријакија), кои за првпат ќе бидат трајно поставени во храмот што го носи нејзиното име. Настанот привлече голем број верници кои сакаа да се поклонат пред светите реликвии.

Протоереј Љупчо Атанасов објасни дека приказната за донесувањето на моштите започнала пред неколку години, кога со благослов на Митрополитот г. Петар, битолската црква ја посетил свештеникот Рафаил – родум Холанѓанец, кој служи во цариградската Диецеза во Холандија.

„Тогаш беше воодушевен од духот на Битола и црквата Св. Недела. На целивање ги донесе моштите на Св. Никола, кои престојуваа кај нас неколку недели. Вети дека, по Божја промисла, би можеле да бидат донесени и моштите од Света Недела, кои неговата парохија ги поседува со сертификат од Цариград, дарувани во Европа пред многу векови,“- вели протоереј Атанасов.


Иако првично очекувале отец Рафаил лично да ги донесе моштите оваа година, на негова покана нашиот отец Стеван патувал до Холандија, па во октомври моштите пристигнале во Македонија. Изминатите недели бил подготвуван кивотот – дрвено ковчеже во кое реликвијата ќе биде изложена.

Утрото во храмот започна раздвижено уште од 7 часот.

Членовите на женскиот хор и помошниците се подготвуваа за свечениот чин, а патеката до олтарот беше покриена со ливчиња од розите што растат во црковниот двор.

По традицијата пропишана за пречек на свети мошти, свети реликвии или икони, свештенството и протоереите во свечена поворка го донесоа кивотот пред олтарот. Верниците со трпение очекуваа да се поклонат, а потоа беа помазани со свет елеј (масло).


Со светата литургија чиноначалствуваше старешината на храмот, протоереј Николче Неделковски, во сослужение со протоереите Стеван Здравевски и Крсте Тасески, а помагање имаше и од ѓаконот Михаил Атанасов. Се отслужи Воскресна утрена и литургија.



Света Недела, позната како Света Киријакија Никомидиска евеликомаченичка од раната христијанска епоха. Родена во Никомедија ( денеска Измит во Туриција), таа пострадала во 289 година од н.е. за време на прогонствата на христијаните од царот Диоклецијан. По нејзината смрт, нејзините следбеници ги собрале и со почит ги погребале нејзините останки.

Најзначајната реликвија – чесниот череп на светителката – се чува во манастирот Памегисти Таксиарх (Архангели) близу Егио на Пелопонез, Грција. Други делови од нејзините мошти се наоѓаат во црквата „Света Недела“ во Александрополис, и , во Хуши во Романија, каде на 7 јули кога се празнува се прави литија и посебна црковна служба.

Со денешното поставување на моштите, битолската „Света Недела“ станува нов дом на дел од светите реликвии, кои од сега ќе бидат постојан благослов за сите верници што ќе го посетуваат храмот.












