Во Собранието денеска на пленарна седница треба да биде разгледан ребаланост на Буџетот. Седницата е закажана во 11 часот, а ребалансот е единствената точка на дневен ред.
Согласно собранискиот Деловник, расправата по ребалансот на пленарна седница трае најмногу пет работни дена.
Дваесет и пет милиони денари дополнителни средства во здравството, животната средина, инфраструктурата се обезбедуваат со дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2022 година, што го усвои Владата на денешната седница, а треба да се достави во Собранието на усвојување. Средствата се обезбедени преку прифаќање на амандманите во текот на расправата во Комисијата за финансирање и буџет по предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година. Со нив, меѓу другото, трајно се решава проблемот со индустриската депонија во Југохром, се обезбедуваат средства за мамографи за болниците во Струмица и Неготино, прочистување на коритата на реките Вардар и Треска, реконструкција на Мороишки мост и изградба на кружен тек, проектна документација за Домот на културата во Чегране и друго.
Ребалансот на Буџетот за 2022 година е одговор на кризата, односно се овозможува дополнителна интервенција за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите до крајот на годината, во услови на продолжена енергетска и ценовна криза.
Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2022 година вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот или за 2,9%. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или за 5,9% повисоки, односно за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП.
Со ребалансот се обезбедуваат 19 милијарди денари повеќе во ставки кои се однесуваат на имплементирање на економските мерки за поддршка на граѓаните и економијата. Меѓу нив се дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, 3,2 милијарди денари за поддршка на земјоделскиот сектор, 2,4 милијарди денари за гарантиран минимален приход, повеќе средства за предвидениот раст на пензиите, за платите во образованието и детската заштита, како и за поддршка на компаниите за субвенционирање на придонесите за минималната плата.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарда денари, при што се планирани инвестиции во реконструкции и модернизации со опрема во јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и зголемен износ на средства за рурален развој, односно хидро системи, водоснабдувачки и канализациски системи и друга водостопанска инфраструктура.
Економскиот раст во 2022 година е проектиран на 3,2%, придвижен од домашната потрошувачка, којашто се очекува да забележи раст од 3,3%. Бруто-инвестициите се претпоставува да имаат раст од 5%, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.
„Имплементација на антикризните мерки ќе ги следи економските движења, при што се очекува најголем дел од нив да бидат активни четвртиот квартал од годината. Ќе има мерки и за граѓаните, и за фирмите, и за поддршка за стабилизирање на цената на храната. Истовремено, преку прудентната политика ќе се задржи фискален простор, како и клучно, ќе се осигура одржувањето на макроекономската стабилност“, пишува во својата колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
“Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 19 милијарди денари насочени кон повеќе категории и цели, за апсорбирање на дел од ефектите од кризата. Околу една четвртина од овие средства се резерва за мерки. Понатаму, обезбедени се дополнителни средства за земјоделците за поттикнување на домашното производство, а со тоа и поволно дејствување врз цените на храната. За најранливите категории на граѓани, обезбедени се дополнителни средства за поддршка за справување со ценовните шокови, а се предвидуваат и средства за покачување на пензиите – системски, согласно растот на платите и трошоците за живот. Во ребалансот има дополнителни средства и за компаниите за субвенционирање на покачување на платите, како и програми за поддршка на инвестиции”, пишува министерот за финансии.
Бесими наведува дека дополнително, надвор од буџетот, како поддршка на граѓаните и стопанството за справување со енергетската криза и инфлацијата се и поволните заеми од Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ, кои ја го абсораат ценовниот шок на регулираниот пазар, односно се субвенционираат сметките на домаќинствата. Исто така, достапни се и средства од Европската инвестициска банка во износ од 100 милиони евра за поддршка на стопанството преку поволни и бескаматни кредити, на кои преку моделот на Планот за забрзан раст ќе се приклучат и комерцијалните банки со дополнителни 100-200 милиони евра. Исто така, тука се и постојните мерки пресметани во ребалансот, како намалениот ДДВ за електрична енергија за домаќинства, враќање на 2,2 милијарди денари на граѓаните преку проектот МојДДВ и други мерки коишто се системски поставени и им помагаат на ранливите катеории, како гарантираниот минимален доход и други активни мерки на пазарот на трудот, вклучително и новата методологија за раст на пензиите и минималната плата со инфлацијата и растот, со цел заштита на нивниот животен стандард и интегритет.
Бесими посочува и дека и покрај кризата, се задржува високата развојна компонента на буџетот со 32,1 милијарда денари капитални инвестиции, кои и покрај надолната корекција со ребалансот се на највисокото историско ниво досега.












