ТЕРА

REKLAMA???

ПРЕМИЕРА НА „ГАЛЕБ“ НА ЧЕХОВ ВИКЕНДОВ ВО БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР

Есенската сезона во Битолскиот театар започнува со премиерната изведба на претставата „Галеб“ на Антон Павлович Чехов, во режисерска поставка на Багрјана Попов. На денешната прес конференција, присутните ги поздрави новоизбраниот директор на Битолскиот театар Васко Мавровски, кој го претстави новото логото на театарот посветено на јубилејот и истакна дека Битолскиот театар е идентитетски столб на Битола.

Театарот го очекуваат 4 премиери и неколку гостувања како и настаните околу јубилејот.

„На 6.октомври гостуваме во Полска со претставата „Хамлет денот на убиствата“ во режија на Марјан Неќак. На 16. октомври ќе се одржи премиерата на монодрамата на доајенот на Битолскиот театар, Соња Михајлова, претстава во режија на Благој Мицевски.На 25.октомври имаме премиера на претставата „Ричард трети“ во режија на Мартин Мирчевски, проект одобрен од Министерството за култура и на 14.ноември по повод 80 години на Битолскиот театар, публиката ќе има можност да ја види претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“.Ќе го одбележиме јубилејот со првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија“, истакнува Мавровски.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, драмата што Чехов самиот ја нарекува комедија, носи и порака за кршливоста на човештвото, гледано низ призмата на односот на луѓето кон природата. Режисерката Попов која соработува со Битолскиот театар повеќе години, посочи дека во претставата се зборува за страдања, но и за љубовта.

Илија Волчески од театарот во Прилеп кој ја толкува главната улога во претставата, истакна дека е среќен што соработува со Битолски театар затоа што е полубитолчанец. Во претставата публиката ќе ги види уште: Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска- Дранговска, Васко Мавровски, Леонида Гулевска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Живко Борисовски, Валентин Дамчевски и Дарко Велкоски.

Сценографијата за претставата ја осмисли Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски. Багријана Попов е наградувана театарска режисерка, драматург и актер. Соработувала со признати актери во Австралија и Европа.Таа покажува длабок и траен интерес за драмите на Антон Чехов и ги има адаптирано и режирано неговите четири главни драми. Театарската адаптација на „Вишновата градина“ – на „Прогрес и меланхолија“ – освои 3 награди, меѓу кои и награда за најдобра режија. Нејзината поставка на „Чичко Вања“ од Чехов, во продукција со „Ла Мама“, беше изведена со високи пофалби на фестивалот во Аделаида во 2019 година.

За музичката подлога се погрижи Александар Димовски.  Претставата имаше премиера на годинешното Охридско лето, а битолската премиера ќе биде изведена на 14.09 со почеток од 20 часот.