Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со делегација од Владата во чиј состав се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, генералниот секретар на Влада Игор Јанушев, како и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Гоце Димовски, националниот координатор за туризам Аккан Махмут и претставници на неколку државни институции е во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати.

Во рамки на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, Мицкоски оствар средба со Претседателот на ОАЕ и владетел на Абу Даби, Н. В. Шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан, на чија покана се реализира оваа посета.

Целта, како што соопштија е зајакнување на билатералната соработка и разгледување на можности за инвестиции во инфраструктура, агро-бизнис, обновливи извори на енергија, туризам, иновации и нови технологии.

„Деновите коишто следат очекувам да бидат многу плодни и успешни средби коишто ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави.
Денес, впрочем денот го започнавме со исклучително квалитетна и пријателска би рекол средба којашто ја имав со Неговото височество, претседателот на ОАЕ. На средбата и двајцата ја истакнавме потребата од многу поблиски односи, многу поплодни односи, а јас, од моја страна, накратко ги образложив нашите цели како Влада, но истовремено, го поканив Неговото височество, претседателот на ОАЕ, да ја посети Македонија, а нормално, бизнис заедницата од ОАЕ одблиску да ги согледа сите можности за директно инвестирање во делот на туризмот, инфраструктурата, енергијата, земјоделството и така натаму- нешто што, убеден сум дека може да претставува солидна основа за наша билатерална и подлабока соработка.
Во деновите коишто следат, ќе имам средби со стопанските комори на Емиратите- Дубаи, Абу Даби, Шарџа- како и многу средби со компании коишто се присутни во регионот и коишто покажуваа интерес да инвестираат кај нас, дома во Македонија“, изјави премиерот Мицоски.
Владината делегација ја посети Џамијата Шеик Зајед во Абу Даби.

„Во рамките на официјалната посета на ОАЕ, заедно со владината делегација ја посетивме величествената „Џамија Шеик Зајед“ во Абу Даби архитектонско ремек-дело изградено од бел мермер, симбол на духовноста, толеранцијата и единството. Оваа џамија не само што претставува едно од највпечатливите верски и културни обележја на Емиратите, туку и место што ги спојува традицијата и современоста, отворајќи врати за луѓе од сите вери и нации. Посетата остави силен впечаток и претставува потсетник на значењето на меѓусебното почитување, разбирање и дијалог меѓу народите“ рече Мицкоски.

















