Со доделување на наградите „Марин Држиќ“ за најдобри нови драмски текстови и изведба на првата претстава во конкуренција за фестивалски награди, во ХНК. Сплит започна 33-от хрватски драмски фестивал Денови на Марулиќ. Вториот фестивалски ден изобилуваше со фестивалски настани. Помеѓу двете прикажани претстави беше и онаа во режија на битолчанецот Марјан Неќак „Кабаре Каспар“, а во изведба и продукција на Словенечкиот народен театар од Љубљана. Се работи за претстава по текст на Тена Штивичиќ во кој авторот зборува во стилизирана форма, низ ритмички говор и рима, за моментот во кој живееме и кризите на денешното општество. Претставата „Кабарет Каспар“, под која Неќак се потпишува и како композитор, е жанровски хибрид на трагикомедија и привлечна драма, која зборува и за денешниот свет и блиската иднина преку хумор и самоиронија.

Во претставата играат актерите Барбара Церар, Саша Табаковиќ, Ива Бабиќ, Пиа Земљич, Урош Фурст, Бенџамин Крнетиќ, Нина Валич, Клемен Јанежиќ и Јанез Шкоф. Фестивалот го отвори министерката за култура и медиуми на Република Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, потсетувајќи се на оние кои ја започнаа оваа манифестација со визија за изведба на хрватски текстови, но и со организирањето на конкурсот „Марин Држиќ“ кој ги поттикна писателите да создаваат нови претстави. Овој пат дури шест награди „Држиќ“ беа доделени на конкурсот организиран од Министерството за култура. Во текот на фестивалот на публиката и се понудени 11 драмски дела работени по хрватски драмски текстови, во продукција на театри од Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија, по избор на селекторката Ким Цуцулиќ.

33- то издание ќе биде затворено со доделувањето на наградите Марул и тоа во повеќе категории, награди за кои ќе одлучува жири во состав: телевизиската новинарка и уредничка Зринка Туралија, актерката и режисерка Анастасија Јанковска, актерката Перица Мартиновиќ, театарскиот критичар, новинар и писател Томислав Чадеж и новинарот и публицист Дамир Шарац. Се доделуваат и награди од публиката како и наградата на весникот Слободна Далмација.












