ТЕРА

REKLAMA???

ПРИВЕДЕНИ ЛИЦА И 47 ПОВРЕДЕНИ ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИЦИ

Министерството за внатрешни работи соопшти дека повредени се 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди во синоќешниот јавен собир на подрачјето на СВР Скопје, кој се одржа во периодот од 19.00 часот пред Владата, продолжи пред Министерството за надворешни работи и заврши пред Собранието околу 22.30 часот. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.

Притоа, констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции.

За време на вечерашниот протест оштетувања на прозорците и фасадите се пријавени во сите три објекти: Владата, Министерството за надворешни работи и Собранието. Покрај ова, демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.

Во врска со немирите кои ескалираа пред објектот на Собранието од страна на полициските службеници приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата, како што стои во нивното соопштение, не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.

МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот, стои во соопштението на МВР.