Прифатилиштето Хачико од Битола кое работи во склоп на Јавното претпријатие „Комуналец“ во соработка со фотографите Александар Василевски и Ивона Кочов организира креативна кампања под наслов „Приказните на уличните кучиња“.
Целта на кампањата е преку фотографии и приказни да допрат до секој и да потсетат дека уличните кучиња не се „туѓи“ тие се дел од нас, дел од нашето секојдневие и да поттикнат поголема емпатија и љубов.
„Со оваа кампања сакаме да поттикнеме прифаќање, емпатија и љубов, но, и да предизвикаме граѓаните да ни се приклучат.
Да ни праќаат фотографии со нивните улични пријатели- заедно со нивните мали или големи приказни. Сликите може да ни ги праќаат на Вибер, на телефонскиот број 078243239, заедно со краток текст за кучето што го сретнале, запознале или засакале“ велат организаторите на кампањата „Приказните на уличните кучиња“.

Од Прифатилиштето Хачико додаваат дека секоја слика има глас, а секоја приказна заслужува да биде раскажана преку фотографии што ја доловуваат нејзината топлина и карактер.

„Секоја приказна има за цел да ги инспирира љубителите на животни, да пренесе грижа, емпатија и љубов кон нашите четириножни пријатели. Следете не за понатамошни приказни и слики што ќе ве допрат до срцето“-велат од Прифатилиштето Хачико кое работи во склоп на Јавното претпријатие „Комуналец“ Битола.













