Причината за смртта на папата Франциск е мозочен удар, соопшти синоќа Ватикан.
Како што се наведува, по мозочниот удар папата паднал во кома, а потоа доживеал срцев удар. Папата Франциск (88) почина вчера во 7:35 часот по локално време.
Франциск, кој боледуваше од хронична белодробна болест и на кого во младоста му беше отстранет дел од едно белодробно крило, беше примен во болницата Гемели на 14 февруари поради респираторна криза која прерасна во пневмонија. Во болницата помина 38 дена, што е најдолг престој во болница за време на неговиот 12-годишен понтификат.
Ватикан соопшти дека погребот на папата Франциск ќе се одржи в сабота, 26 април во 10:00 часот по локално време.












