ТЕРА

REKLAMA???

ПРОДОЛЖИ РАСЧИСТУВАЊЕТО НА ГРАДОТ ОД САБОТНОТО НЕВРЕМЕ

Денеска екипите на „Комуналец“ продолжија со санирање на штетите од невремето што ја зафати Битола во текот на викендот кое покрај другото оштети повеќе од 50 дрвја на територијата на општина Битола. Санацијата на штетите продолжува и во наредните денови – информираат денеска од ова јавно комунално претпријатие.

 

Во саботата попладне силен ветер уриваше дрвја, имаше и дожд кој заедно со силните удари од ветер направија повеќе штети. Урнати дрвја, проблеми со струјата, а имаше и пожари. И сообраќајот беше во прекин од Битола кон државната граница. Според информацијата од Автомото сојузот на Македонија во 16.10 часот поради паднати дрвја на патот, прекинат беше сообраќајот на патниот правец ГП Mеџитлија-Битола. Сообраќајот на патот Битола-Меџитлија во 18:50 часот беше нормализиран.

Противпожарната едница на Битола имаше серија интервенции.  Во саботата од 15:50 кога била првата дојава од серијата јавувања за проблеми и барање помош од пожарникарите до 17:00 часот, тие интервенирале на вкупно седум места. И секаде запалена трева, во Горно Оризари, во населбата Буковски ливади, во селото Барешани, во земјоделското  училиште, село Оптичари, село Бистрица и село Канино.

Екипи на ЈКП„Нискоградба“  исто така беа на терен и интервенираа на критичните места.

Имаше проблеми и со електричната енергија, со телефонијата, интернетот, кабелската.

Вчера пак проблем направи една водоводна пумпа. Од битолски „Водовод“ информираат дека поради дефект на пумпа во пумпната станица „Довлеџик“, поголем дел од ниската зона на град Битола беше без вода.

Сите јавни комунални претпријатија ја започнаа оваа работна недела со санирање на штетите и информираат дека нивните активности ќе продолжат во текот на следните денови од неделата.