И денеска продолжува потрагата по третиот исчезнат македонски државјанин, на првиот крак на Халкидики, во Посиди, откако вчера и завчера беа пронајдени неговите двајца пријатели живи.
Здравствената состојба на двајцата државјани кои вчера и завчера беа извлечени од море е добра, истите се наоѓаат во болница и се очекува нивно брзо пуштање од болница, соопшти Министерството за надворешни работи во врска со драмата со тројцата македонски туристи на Халкидики во Грција.
МНР потврди дека македонските дипломатски-конзуларни претставништва во Грција рано наутро се известени дека продолжува и денеска потрагата со спасувачка акција во полн капацитет- хеликоптер и бродови- како претходните два дена по третиот наш државјанин што исчезна во водите на Егејското море во местото Посиди, Грција.
По 18 часа поминати во вода, вчера беше спасен и вториот исчезнат Македонец на Халкидики. Според грчките медиуми, станува збор за 30-годишниот Иван, кој е во добра здравствена состојба.

Претходно спасен беше 25 годишниот Васил, кој е во добра здравствена состојба.













