Денеска е 54-та седница на Советот на Општина Битола. Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Битола за првиот квартал од 2025 година е една од точките каде левата и десната страна ќе се препукуваат за реализацијата, односно нереализацијата, зависно од тоа кој како го чита извештајот и кои им се аргументите.
Ако се суди по седницата на Комисијата за финансии и буџет, жестока расправа се очекува за одлуката за давање согласност и овластување за измирување, односно пренасочување на средства од буџетската сметка на Општина Битола и одлуката за давање согласност и овластување за потпишување на Договор/и за грант.
Откако на претходна седница не помина оваа точка со парите од Европската инвестициона банка, согласно одлуката од 2023 година, каде за општина Битола предвидени се 1 милиони евра за водоводна и канализациона инфраструктура, а што е проект преку Министерството за животна средина за сите општини во Македонија, сега точката повторно на седница.
На комисиската расправа претставникот на општината го образложи проектот со процедурите, а левата страна со став дека не можат да поддржат нешто што како договор го немаат видено.
„Договорот ќе го имаат сите овие општини, истиот договор ќе биде што го добиле грантот. Значи тој го спрема Министерството за животна средина, предвреме ние да го добиеме не можиме, тој е општ за сите. Договорот го потпишува министерот и градоначалникот, а вие треба да го овластите градоначалникот да го потпише договор кој треба да се реализира согласно заемот од Европската инвестициона банка, каде што сите општини истиот договор ќе го имаат“ рече Венцо Шишкин, претставник на општинската администрација.
Еден од советниците рече дека општинската администрација манипулира со Советот.
Шишкин кажа дека овие проекти се поврзани и со проектите од владата, односно средствата од 2024 -2025, што значело дека овие се предуслов за да ги реализираат веќе одобрените средства и дека доколку не се донесе одлука и другите што се поврзани со оваа одлука нема да се реализираат иако имаат обезбедено средства.
На комисијата за извршувањето на буџетот во првиот квартал се гласаше со 2 гласа „за“ и 3 воздржани. Истото гласање беше и за другите две точки, за одлуката за пренасочување средства од буџетската сметка и за овластувањето за потпушување на договорот за грант .












