Книгата „Мала книга на стапици“ на Горан Стефановски во издание на книжарница ТРИ беше промовирана на ФДУ.
Промотори на овој необичен учебник-водич низ класичните драматуршки „стапици“ во пишувањето драми беа драмскиот писател Сашко Насев и актерката Весна Петрушевска. Настанот беше организиран во рамки на манифестацијата „Тетовирани импресии“ што ФДУ Скопје му го посвети на Стефановски.
„Оваа книга е малечок алат, инструмент кој можете да го користите на ваш начин. Алатот, се разбира, не работи сам по себе. Тој мора да се користи за да биде корисен, и мора да се научи како да се користи. Овој „драматуршки“ инструмент нема да напише драми за вас, но може да ви помогне вие да напишете драми. Алатот е едноставен, но тој се користи за создавање сложена магија“, дава краток опис на книгата своевремено авторот Горан Стефановски, кој почина во 2018 година.

Горан Стефановски беше еден од најистакнатите писатели на современата македонска книжевност. Со култните драми „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар Маало“ и многу други, закитен со големи награди како што се „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, обожаван од македонската и светската публика – тој беше многу повеќе од драматург и учител.
„ Онака како што пиесите не се пишуваат туку се прават, така и големите луѓе не се создаваат, тие се раѓаат. Таков е и Горан Стефановски – автор кој засекогаш го промени текот на македонската книжевност. А благодарение на ваквите помагала што ни ги остави во наследство, тој продолжува да ги обучува идните писатели, носители на иднината на домашната литература“, истакнаа од книжарницата.












