Монографијата „Ристо Стефановски“ за еден од највлијателните театролози, долгогодишен театарски работник и театарски историчар, беше промовирана по повод Светскиот ден на театарот, 27 Март. Промотор на монографското издание беше Искра Гешовска, теоретичарка на книжевност и уметност. Актерите Александар Степанулески, Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Јована Спасиќ пред посетителите прочитаа делови од книгата.
На промоцијата беше присутна и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која истакна дека за Ристо Стефановски театарот беше и живот и мисија.

Програмската активност во Драмскиот театар продолжи со именување на големата театарска сала во сала „Ристо Стефановски“, со што неговиот влог во развојот на театарот не се препушта на заборавот.

Тимот што работеше на ова издание е составен од Викторија Рангелова Петровска, Димитар Николовски и Теа Беговска, а монографското издание внимателно уредено од Александра Бошковска, е важен придонес кон аргументацијата за историското значење на Ристо Стефановски не само за Драмскиот театар, туку за историјата на современиот театар. Во него се поместени делови од неговите дневнички записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и соработниците, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со целокупната дејност на Стефановски. Станува збор за концентриран, систематично сублимен преглед, или ако сакате резиме, на еден столб во македонската современа култура.

Стефановски нè напушти пред две години, но само физички, бидејќи ни остави толку пишани зборови, такво богатство и културно наследство, што нема никогаш вистински да останеме без него. Напишал повеќе книги и текстови за театарската уметност меѓу кои и „Од Хераклеа до Народен театар Битола“. Добитник е на бројни награди и признанија, вклучувајќи ги наградата „13 Ноември“, наградата „11 Октомври“, Стериината награда за животно дело, наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело, наградата „Св. Климент Охридски, Орден за труд со бронзен венец; Орден за труд со сребрен венец; Орден за труд со златен венец; Одликување на Француската влада Palmes Academiques, и други.











