Британецот Вишваш Кумар Рамеш (40), единствениот преживеан од уривањето на авион на Ер Индија во Ахмадабад, контактирал со семејството и им соопштил дека е „во ред“, изјави неговиот братучед Ајеј Валги за Би-би-си њуз.
Според весникот „Хиндустан Тајмс“, Рамеш преживеал, а Валги додаде дека тој бил сместен до својот брат на летот и дека има сопруга и мал син дома.
Индиските власти соопштија дека се пронајдени 204 тела од уривањето на патнички авион на Ер Индија што се случи кратко по полетувањето од аеродромот во Ахмадабад кон Лондон.
Според базата на податоци на Авијациската мрежа за безбедност, ова е прв инцидент што вклучува Боинг 787. Податоците од „Flightradar24“ покажуваат дека авионот по полетувањето достигнал максимална височина од 625 стапки (околу 190 метри), пред да почне да паѓа со брзина од 475 стапки во минута.












