Хезболах лансираше стотици ракети и беспилотни летала кон Израел како одмазда за атентатот врз нивниот командант во Бејрут минатиот месец, соопшти движењето поддржано од Иран.
Израелски авиони нападнаа цели во Либан непосредно пред нападот бидејќи војската процени дека Хезболах се подготвува да изврши напад.
„Околу 100 израелски воени авиони погодија илјадници ракетни фрлачи на Хезболах во јужен Либан, насочени кон северен и централен Израел“, соопшти војската.
За време на воздушните напади, кои беа извршени во раните утрински часови денеска, беа уништени над 40 места во Либан, наменети за извршување напади врз територијата на Израел, соопштија Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Канцеларијата на специјалниот координатор на Обединетите нации за Либан и мировната мисија на ОН на Блискиот Исток ги оценија како „алармантни“ случувањата на израелско-либанската граница.
Вршителот на должноста премиер на Либан, Наџиб Микати свика итна седница на Владата на која ќе се разговара за серијата израелски воздушни напади изутрината во јужен Либан.
Израел утринава уништи илјадници ракети на Хезболах, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и нагласи дека израелската Влада е одлучна да направи се за да ја заштити земјата.












