ДУИ си го брани криминалот со физички напади врз пратениците, Ковачевски да го осуди дивеењето на Арбер Адеми, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по синоќешните настани во Собранието.

„Адеми да не се крие зад имунитетот и да си поднесе оставка како пратеник, а потоа да одговара за нападите врз пратениците. Кога е заргозен криминалот на ДУИ тие обвинуваат за антиалбанство, а тие се само обични криминалци кои ќе одговараат. Адеми удираше пратеници со раце, а потоа ги гаѓаше со тврди предмети, со што можеше да го загрози нивниот живот. Тоа што Адеми не погоди никого директно е само случајност и среќа на присутните пратеници, интенцијата на Адеми беше да им нанесе физички повреди и тоа се гледа од снимките“, е наведено во соопштението од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Нападот на Арбер Адеми, додаваат од оваа партија, покажува како СДСМ и ДУИ ја сфаќаат демократијата.
„Секогаш кога не е како тие што сакаат тие се закануваат и напаѓаат. Но веќе не поминуваат испадите на СДСМ и ДУИ. Со нивните испади во собранието нема да го запрат нивниот пад. Избори што поскоро“, се потенцира во дописот од оваа партија.

Од СДСМ преку соопштение велат дека ВМРО-ДПМНЕ создава тензии во Собранието во надеж дека ќе се спасат од одговорност за криминалот. Од партијата порачуваат дека тоа нема да се случи и сите ќе одговараат.
„Секогаш кога темата правда е на дневен ред во Собранието ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, деструктивна, прави тензии а денеска дури се обиде да испровоцира и физичка пресметка.Тоа е така затоа што ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги брани криминалците на режимот и секогаш ама секогаш е против функционален судски систем.Проблемот со недостаток на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите кои директно водат до Белиот дворец.Затоа ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира Собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети.Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат.Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата.Бадијала се прават тензии, секој што се огрешил од законот ќе одговара“, се вели во реакцијата на СДСМ.

По инцидентот во собраниската Комисија за европски прашања пратеници од Алијанса за Албанците одржаа прес-конференција и кажаа дека инцидентот не го предизвикала опозицијата, туку претседателот на комисијата Арбер Адеми со своето однесување и конкретно со навредите кон нивниот пратеник Халил Снопче.
„Криминалот, корупцијата, уличарството и нивните сценарија се манифестираа со вандалски и насилнички акти каде со или без намера беше погоден и пратеникот на Алијанса за Албанците, Елми Азири. Срамното сценарио започна со обидот за продолжување на мандатот на судиите на власта. Адеми и лично го навреди пратеникот Снопче, кој побара да се произнесе процедурално. Адеми не му дозволуваше, а ние пратениците од Алијанса за Албацните излеговме пред говорницата за го одбраниме нашето право. И тогаш се случи насилството и вандализмот на координатор на ДУИ. Ова не е прв пат да прават вакви сценацијра во обидот да го сокријат криминалот. Сите мора да го осудиме овој вандалски чин и вандалите да се најдат пред лицето на правдата“, изјави Илире Даути, координатор на пратеничката група на Алијанса за Албанците.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) најостро го осудува насилството што на седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието го извршија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците на Алијансата за Албанците, стои во реакцијата на владеачката ДУИ.
„Секогаш кога тема на расправа и на дневен ред во Собранието е воспоставувањето правда во државата, ВМРО ДПМНЕ и Алијансата за Албанците провоцираат вербално и физичко насилство со цел да го заштитат криминалот и секогаш се појавуваат против правилното функционирање на правосудниот систем. Денеска на седницата на Комисијата за европски прашања уште еднаш се докажа дека ВМРО ДПМНЕ и другите опозициски партии со насилство ја блокираа работата на Комисијата и токму пратениците кои се под истрага, поттикнаа инцидент и ја прекинаа седницата.Демократската унија за интеграција ги информира граѓаните и пошироката јавност дека Собранието ќе продолжи да функционира во прозападно-американски дух и ќе ја поддржи реформската агенда во партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија“, се вели во реакцијата на ДУИ.












