Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, заедно со проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ и претседателот на Сенатот, проф. д-р Филип Поповски, присуствуваа на свеченото одбележување на 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот завод – Охрид, придружна членка на Универзитетот.

Присуството на претставници од раководството на УКЛО, ја афирмира континуираната поддршка на институциите кои даваат значаен придонес кон развојот на науката, особено во доменот на биолошките и еколошките истражувања со фокус на заштитата на водните ресурси, велат од битолскиот универзитет.
На одбележувањето, свое обраќање имаше и претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, која го истакна значењето на Охридското Езеро како непроценлив природен и светски ресурс, повикувајќи на зголемена општествена и институционална одговорност во неговото зачувување.

Свеченоста беше повод и за потсетување на визионерските почетоци на Хидробиолошкиот завод во 1935 година, предводени од академик Синиша Станковиќ, како и на значајната улога што Заводот ја има денес – како современа научна установа со капацитет за истражување и заштита на сите природни и вештачки езера во државата.

Присуството на високите претставници од УКЛО на овој значаен јубилеј претставува уште една потврда за определбата на Универзитетот да ги поддржува научно – истражувачките институции и да придонесува во создавањето одржливи политики за заштита на животната средина, во согласност со глобалните научни и еколошки стандарди, стои во информацијата од битолскиот универзитет.













