Извршувањето на буџетот во првиот квартал беше првата од точките на денешната седница. Зависно од тоа кој како го чита извештајот и кои им се аргументите, така и се споредуваат и препукуват.
„Скоро 24 проценти реализација во првиот квартал. По однос на отпочнати проекти, на преку 20 локации во моментот се работи во градот и тоа кажува навистина еден напредок, каде СДСМ кога беа локална и централна власт не беше замисливо на толку локации да се работи“ вели советникот и координатор на ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.

„Трендот на намалување на ефикасноста на општинската администрација во изминатите години, тоа е сведок и изминатите години кога го гласавме кварталниот извештај ВМРО ДПМНЕ се фалеше со историски бројки, однсоно 27 проценти за првиот квартал, за на денешната седница за 2025 година да имаме извршување на буџетот од 23 проценти“ вели советникот и координатор на СДСМ, Петар Николовски.

Пред советниците и извештајот за зимската служба. На претходната не помина, а ако и денеска така се случи општината нема да добие околу 10 милиони денари од Агенцијата за државни патишта.
„Ќе го гласаме бидејќи оваа локална самоуправа покажа дека не знае како да работи, но на следната локална самоуправа му се потребни тие пари, односно за следната сезона битолчан и заслужуваат да имаат чисти улици. Оваа локална самоуправа покажа дека не знае како да ги чисти улиците“ вели Николовски.
Побаравме коментар од Бојкоски за ваквиот став на СДСМ, односно визијата на Николовски за тоа кој ќе ја води новата локална самоуправа.
„Ова е трет пат, еднаш кочење има за два европски проекти, сега дури и државата која што ги дава тие средства кои што следуваат, пробаа да бидат одбиени. Таквото однесување го гледаат граѓаните. Согласно расположливите капацитети кои што ги има јавното претпријатие „Нискоградба“, она со тоа тие кога чистеа, кога беа локана самоуправа можевме да видиме дека половина град беше блокиран. Јас тука јавно на седница на Совет презентирав како функционираше зимската служба во време на СДСМ каде имаше еден дечко со борд видео снимка, каде што бордаше во делот на улицата „Васко Карангелевски“ возврати Бојкоски.
И двајцата ги прашавме дали се горди на споротот, оти на денешнаната седница беа и завршните сметки на РК Еурофарм Пелистер и РК Еурофарм Пелистер 2 за 2024 година, на ФК Пелистер АД Битола за 2024 година и КК Пелистер АД Битола за 2024 година.
„Горд сум на името „Пелистер“ кое што што го носат сите спортски клубови во нашиот град, но како се менаџираат финансиите тоа е друго прашање, посебно за ФК „Пелистер“кој што е во долгови и никако да крени глава. Секогаш може подобро и со резултатите и сите сакаме успехот што го постигнува Еурофарм, сега и кошаркарскиот клуб, да го постигни и фудбалскиот клуб, но сметаме дека посебно фудбалскиот клуб да има поголеми резултати“ вели советникот од СДСМ.
„Спортот во делот од буџетот зафаќа значителни финансиски средства и неколку пати го имаме тоа разговарано, веќе четири години тоа го разговараме дека поддршката која ја дава Општина Битола за спортот е навистина преголема, огромна. Во делот на резултатите, двапати бевме шампиони во ракомет, делот на фудбалскиот клуб „Пелистер“ од втора лига го вративме во прва лига, кошарката си има генерален спонзор. Генералното размислување и моето размислување е дека спортот треба да биде поддржуван од страна на Општина Битола, меѓутоа не во толкава голема мера, бидејќи спортот треба да премини во приватни раце, односно приватни инвеститори и спонзори, бидејќи улогата на општината генерално е да се грижи за инфрастуктурата во градот“ вели советникот Бојкоски.
По број на точки можеби една од најкусите седници, но по темите најверојано една од најжешките, не само заради темпертурите надвор, туку и политичката треска.












