ТЕРА

REKLAMA???

РОДЕН НА 4 НОЕМВРИ

4 Ноември 1944.Борците на 49-та дивизија, Седмата битолска бригада, Битолско-преспанскиот партизански одред и Леринско -костурската бригада победносно марширале низ Битола откако го ослободиле градот. „Окупацијата се завршува во триумф на слободата, правдата и личното достоинство оличени во социјалистичката револуционерна самоуправна демократија.“

Додека по Широк сокак се прославувала слободата, во Јенимаале, на славната улица од каде започнувале сите борбени активности за време и по Илинден, улицта  Гоце Делчев, во куќата со бр. 12 Животот ја покажа својата сила.

Се роди Јосиф Талев. Тој денеска, како и градот, прославува полни 80 години.

8 децении градот и Јосиф растат и живеат заедно.

Ослободена Битола требало повторно да биде изградена, ранетите борци излечени, сирочињата на војната згрижени. „Во новите услови Битола наполно раскинува со тривијалното минато и создава нов профил на граѓанин и општество.“  Господин Јосиф не се сеќава, но тоа е време на рестрикција на потрошувачката на жито. Населението добивало леб врз основа на картони за знабдување и тоа само за 5 дена во неделата, останатите денови, принудени биле да јадат пченкарна каша или леб,што ја имало во сите пекарници.

Во 50те години „ Се испишуваа нови страници од историјата на градот, нови општествено-политички, стопански, културни и научни содржини. И нашиот соговорник започнал да  осознава и памети нови содржини. Ни раскажуваше за неговиот татко, како му помагал,заедно оделе во слаткарницата која и денес се наоѓа на истото место, во старата битолска чаршија.

До крајот на шеесетите години на минатиот век, градот броел 60.000 жители или во просек од 15 илјади домаќинства, кои живееле во 15 илјади станови, во повеќе од 3500 станбени згради претежно повеќекатници.

Во првите 20 години од ослободувањето градот,„ паралелено на старата архитектура со ренесансен, барок и примери  на неокласицизам, се градат современи објекти инспирирани од тогаш еминентните архитекти Корбизје, Луцио Каста… се формираат нови улици или се продолжуваат старите.

Јосиф бил во војска, а кога до него стигнал весник „Нова Македонија“ прочитал дека во негово отсуство од градот се вршело асфалтирање на Тумбе Кафе.

„Стопанството во градот наместо старо, расцепкано,ситносопственичко“ добило „модерни димензии“ . Се развивала метална и неметална индустрија, текстилна и кожарска, прехранбена и графичка, дрвна и градежна.

Јосиф се вработил во градежното претпријатие „Пелагонија“ , бил механички техничар. Таму го поминал сиот свој професионален живот. „Имаше другарство“ вели, сеќавјки се на времето кога со своите колеги и другари оделе во кафеана на едно пиво откако ќе ја земеле платата.

Вo градот се формираат и работат Театар, Историски архив, Уметничка галерија, Музеј, Работнички универзитет, градска библиотека, КУД Стив наумов, Фолклорната група Илинден, постојат здруженија на ликовни уметници, научно друштво, за потребите на школството и културата буџетот на тогаш Општинското собрание преку одредени фондови и мерила издвојува близу 50%.

Јосиф се потсети дека неговата генерација одела на игранки, во Офицерски и Соколаната. Потоа се оженил и еве веќе повеќе од 50 години се заедно.

 

Јосиф и Софка на градот му дадоа две деца – момче и девојче. Заедно ги проследуваа сите Денови на младоста, слетови, цртаните филмови во 19.15 и вестите во 19.30часот. Градот ја имаше Шеќераната, Пиварата и  Лозар, во градот се пиеше Пел пиво и минералната вода Пелистерка -производи кои ги добиваа највисоките југословенски награди. Градот ја а изгради и пушти во употреба болницата, Јосиф и Софка како и сите битолчани купуваа во „Нова трговија“, „Прехрана“, комуналното претпријатие „Водовод“ ги затвори своите две јавни купатила, а филијалата на претпријатието „Агроснабдител“ од Скопје ги нудеше автомобилите на „Шкода“, „Москвич“, „Волга“ и по некоја „Тојота“.

Јосиф во ова време го добил првото Фичо, што го продал за учество при купувањето на станот во населбата Карпош. Потоа имал уште две.

80те години битолското стопанство наголемо го практикуваше самоуправниот социјализам, луѓето се вработуваа по листа, на одмор се одеше во фабричките одмаралишта во Претор и Отешево, децата беа испраќани во Детското на Пелистер, градот го доби Центарот за култура на местото на стариот театар. 90те години за државата и за Битола дојде време за се изучи ново демократско уредување, во независна Македонија комплетно различно од самоуправните социјалистички форми на делување. Започна време на  инсистирање „за“ и  ангажирање „на“ креативните напори на секој граѓанин на државата, на градот.  Децата на Јосиф Талев и Софка изучиле основно, средно, се запишале на битолскиот Технички факултет. Ќерката дипломирала Сообраќаен факултет, се омажила во Кочани, сега живее и работи во Скопје. Синот дипломирал Машински, се преселил во Норвешка, сега е доктор на науки по градежна физика. Во  2001 година Јосиф станал пензионер.

Битола, пак се развива – се направија нови улици, во касарната никнува цел еден нов град.

Јосиф честитајќи го роденденот на градот ја посака и желбата, да не се иселуваат младите од Битола.